И да умре, ќе живее
„Вистината боли, а лагата навредува“ вели една мудра поговорка. Навистина, горката вистина може да боли, но лагата која напразно теши всушност таа длабоко навредува, бидејќи подоцна нанесува уште поголема болка. А денес токму сме опкружени со такви изречени по кои пат навистина празни зборови. Рекламите ни ветуваат врвни задоволства, политичарите ни претскажуваат светла иднина, хороскопот – со мали потешкотии – претскажува блескави денови. Сите ние знаеме дека тоа нема да биде толку едноставно, но на нас ни е убаво да ги слушаме тие слатки лаги.
Христовото Евангелие нема такви намери. Исус никогаш не зборува напразно. Денес кога си спомнуваме на сите наши покојни да се присетиме на една Исусова изрека кога умрел неговиот пријател Лазар. Тој вели на Марта, сестрата на покојниот: „Јас сум воскресение и живот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“ (Ив 11, 25). Токму така Исус никогаш не ветувал лесен живот, ниту кули и градови. Зборувал за крстот, за горчливата чаша која треба да ја испие, да ги прогонуваат и неговите ученици.
Исус не дошол на земјата за да ја уништи болката, страдањето и смртта. Многумина тоа не сакале да го разберат, па затоа многу грдо го исмевале велејќи Му: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси. Христос, Царот Израилев нека слегне сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ (Мк 15, 31-32). Тие подбивачи и исмејувачи не знаеле дека Исус ќе биде прославен. И кога Исус навистина воскреснал во својата слава не сакале да поверуваат. Тие ниту можеле, ниту сакале да веруваат дека Исус не дошол за да ја отстрани болката и смртта, туку дошол да и даде смисла на болеста, трпењето и самата смрт. Преку своето доброволно прифаќање на маката и смртта Христос успеал до славата на воскресението.
Затоа и на нас денес ни порачува: Кој верува во Мене и да умре ќе живее! Не се тие празни зборови. Знае Исус што зборува. Од една страна не ни дава празни ветувања за брза среќа, ниту од друга страна не остава во безнадежност во човечките страдања и неправди кои нè опкружуваат. „Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие“ ќе каже (Ив 10, 10). Тој дава целосна и вистинска смисла на нашиот живот, на сето она што животот го донесува.
Денес искрено и побожно молиме за милосрдието Божјо над нашите покојни. Молиме Бог да не гледа на нивните гревови, туку на Христос, нашиот Спасител и на верата на неговата Црква. Но молиме исто така и едни за други за Господ овој наш земски живот го исполни со смисла.
Не бараме празна надеж, туку само и на нас да се оствари Исусовото ветување: Јас сум воскресение и живот: кој верува во мене и да умре ќе живее.
Вера и дела/к.мк/Д.И.