Јуни се смета за месец на Пресветото Срце Исусово откако овој празник бил востановен во XIX век.
Во народната побожност, секој месец од годината со текот на времето се поврзал со одредена духовна тема, која насочува кон различни аспекти на христијанската вера.
Во Католичката црква, јуни во последниот век станал познат како месец на Пресветото Срце, бидејќи празникот на Пресветото Срце Исусово секоја година се слави токму во овој месец.
Но, така не било отсекогаш. Овој празник официјално бил признат дури во XIX век, што значи дека оваа побожност, во својата денешна форма, е релативно понова.
Празникот на Пресветото Срце Исусово се слави во јуни
Сè започнало кога света Маргарита Марија Алакок примила приватни објави од Исус Христос.
На 16 јуни 1675 година, Исус ѝ зборувал и посебно побарал да се шири празник во чест на Неговото Пресвето Срце:
„Барам од тебе петокот по октавата на Телото Христово да биде одреден како посебен празник во чест на Моето Срце, со причестување на тој ден и со принесување надомест преку свечен чин, за да се поправат навредите што Моето Срце ги примило додека било изложено на олтарите. Ти ветувам дека Моето Срце ќе се рашири за изобилно да го излее влијанието на Својата божествена љубов врз оние што така ќе Го почитуваат и ќе придонесат да биде почитувано.“
Празникот Тело Христово со векови се слави по Неделата на Пресвета Троица и секогаш паѓа во месец јуни. Точниот датум се менува секоја година, бидејќи зависи од датумот на Велигден.
Дури во 1856 година празникот на Пресветото Срце Исусово бил официјално воведен за целата Црква. Оттогаш месец јуни е посебно насочен кон побожноста на Срцето Исусово и на Неговата божествена љубов кон човештвото.
Исус ѝ рекол на света Маргарита Марија:
„Еве го Срцето кое толку многу ги љубеше луѓето, што ништо не поштеди, сè до исцрпување и согорување, за да ја посведочи Својата љубов… Ти ветувам дека Моето Срце ќе се рашири за изобилно да го излее влијанието на Својата божествена љубов врз оние што така ќе Го почитуваат и ќе придонесат да биде почитувано.“
Целта на оваа побожност е човекот да се приближи до Христовото Срце. Кога некој ја шири побожноста кон Пресветото Срце, природно е и самиот да се приближува кон Бога.
Важно е да се нагласи дека побожноста кон Пресветото Срце не треба никогаш да се користи како „оружје“ против секуларното општество, туку како „покана“ да се прими љубовта што Бог сака да ја излее во нашите срца.
Алетеја/к.мк

