„Звуците на загубата“ ќе го одбележат Меѓународниот ден на мирот во базиликата „Свети Петар“”
Звучната инсталација Sounds of Loss („Звуците на загубата“) на германскиот режисер Филип Гренинг ќе биде поставена во атриумот на базиликата „Свети Петар“ на 21 септември, Меѓународниот ден на мирот на Обединетите нации.
Проектот има цел да го насочи вниманието на човечките животи изгубени во војните преку низа неправилни звуци на кликање, чукање и удирање.
Иницијативата е поддржана од Дикастеријата за култура и образование, Дикастеријата за комуникација и Управата на базиликата „Свети Петар“.
Инсталацијата се состои од 1.096 поединечно снимени звуци, кои ќе се емитуваат во неправилни интервали во текот на 49 часа. Секој звук претставува еден човек загинат во војна во тој временски период. Според статистичките податоци за 2026 година што ги користи проектот, во просек еден таков звук се слуша на секои 2,62 минути.
„Повик на одговорност“
Кардиналот Хозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование, го опиша Гренинг како „вистински мајстор на тишината“.
Според него, проектот ја користи тишината за да го насочи вниманието на секојдневната трагедија на загубените човечки животи и претставува „повик на одговорност“ да не се остане рамнодушен кон жртвите на насилството.
Кардиналот Мауро Гамбети, архипрезвитер на базиликата „Свети Петар“, истакна дека инсталацијата создава простор за слушање и размислување за жртвите на конфликтите и потсетува на вредноста на секој човечки живот.
Префектот на Дикастеријата за комуникација, Паоло Руфини, рече дека звуците треба да потсетат дека зад статистиките стојат конкретни човечки животи.
„Секој звук е нераскажана приказна, лице, име, замолкнат глас, прекината насмевка“, рече Руфини.
Уметнички одговор на трагедијата
Гренинг започнал да работи на Sounds of Loss во зимата 2026 година, поттикнат од размислувањето за бројот на луѓе кои секојдневно гинат во војните.
Во текот на три месеци биле снимени повеќе од 24.000 звуци од 50 различни категории, меѓу кои прекинувачи за светло, стари телеграфски машини, часовници, брави, картонски кутии и моливи што удираат на маса.
Од нив биле избрани 1.096 звуци, распоредени во текот на 49 часа.
Неправилните интервали се намерни. Понекогаш звуците се слушаат еден по друг, а понекогаш следуваат подолги периоди на тишина. Различна е и нивната јачина, со што авторите сакаат да укажат и на нееднаквото внимание што често им се посветува на жртвите на различни конфликти.
Инсталацијата трае 49 часа затоа што 21 септември не започнува во ист момент во сите делови на светот. Таа ќе започне кога 21 септември ќе настапи во најисточните временски зони, кај Кирибати, и ќе заврши дури откако истиот датум ќе помине и во најзападните временски зони, кај островот Бејкер. На тој начин проектот симболично го опфаќа целиот Меѓународен ден на мирот на глобално ниво.
Во иницијативата се вклучени и други верски објекти, меѓу кои катедралата „Свети Иван Богослов“ во Њујорк и катедралата „Санта Марија Матриколаре“ во Верона.
На 20 и 21 септември Ватикан њуз ќе обезбеди и пренос во живо од плоштадот „Свети Петар“, поврзан со звуците од инсталацијата.
Ватикан њуз/к.мк

