Запознајте го Мајкл, новинарот на кој Дауновиот синдром не му попречи да стане првиот стажист во историјата на Радио Ватикан
Во својата земја Ирецот е веќе познат како активист кој се бори против рушењето на предрасудите за лицата со Даунов синдром.
Радио Ватикан, повеќејазичен медиум на Светата Столица, неодамна го вработи својот прв студент кој стажираше кај нив. Станува збор за 34-годишниот Ирец Мајкл Ганон кој студира новинарство, а зад себе има искуство работејќи во телевизии и во документарна продукција, актерско искуство, напишана автобиографија и докажан квалитет на новинарски дела. И да, Мајкл има и Даунов синдром.
Американската христијанска интернет страница LifeSiteNews неодамна направи приказна за Ганон кој за себе вели дека е активист кого го интересираат медиумите. Неговата цел? Да ги сруши сите предрасуди кои луѓето ги имаат за луѓето со Даунов синдром. Поради тоа напиша книга за себе, се појавува во медиумите, а сега е во Ватикан како стажист во нивното радио.
Како дојде до тоа ангажирање? Пред две години Ганон и неговата мајка престојувале во Рим во организација на едно здружение кое ги помага лицата со Даунов синдром. Таму Мајкл го сретнал уредникот на изданието на Радио Ватикан на англиски јазик Шон Патрик Ловет. Го запрашал дали Радио Ватикан некогаш примил лице со Даунов синдром како стажист, и добил одговор дека медиумот воопшто никогаш не примил стажист, меѓутоа дека тој ќе биде првиот. И така Ганон заврши во Ватикан.
Како што пишува LifeSiteNews, Мајкл после завршеното средно образование, некое време продолжил со школувањето на универзитетот во Мејнот, во склоп на програмата за лица со интелектуални потешкотии. Медиумите беа негов главен интерес и на кои и денес е посветен. Своето искуство во Рим го опиша како „фантастично“ и вели дека за време на „праксата“ ги помина сите фази на радио продукцијата. Неговата прва љубов сепак е телевизиското новинарство. Неговата мајка Меј Ганон, побожна католикиња, изјавиле дека е уверена дека Светиот Дух лебди над нејзиниот син и му помага на различни начини. Мајкл, вели, го имаше тој благослов секогаш да наидува на педагози и професори кои беа спремни да му помогнат и да го учат. Таа и нејзиниот сопруг одлучиле дека синот нема да го школуваат на вообичаениот начин како што тоа се прави со лицата со Даунов синдром, туку ќе најдат основно и средно училиште кое е спремно да го прими и да работи со него. Во сето тоа Мајкл имаше среќа.
„Пример, една позната телевизиска продуцентка ја слушала емисијата на радио во која Мајкл се појави и зборуваше за проблемите на лицата со Даунов синдром. Го слушнала како зборува како би сакал да работи на телевизија и му понуди работа во телевизијата“, раскажа госпоѓа Ганон.
Запрашан дали има порака за оние кои го оправдуваат абортусот на децата со Даунов синдром, Мајкл одговори:
„Престанете да размислувате за Дауновиот синдром и гледајте на личноста. Гледајте ја личноста таква каква што е и она што го работи во својот живот. Би сакал да им порачам на родителите да видат можности во своите деца, да им помогнат да ги остварат нивните потенцијали“.
Неговата мајка Меј Ганон на тоа додаде дека најдобар начин за помош на лицата со Даунов синдром е да се вработат.
„Кога се тие на обични секојдневни работни места, на тој начин се праќа најдобра порака. Да се има Даунов синдром е нешто што не ве спречува да имате нормален, исполнет и богат живот“.
G. An./Bitno.net/ С.С.
1339