Заврши Волонтерскиот летен камп во Охрид

Во петок 17 јули 2015 година заврши кампот за млади волонтери, кој се одржа од 13 до 17 јули во Пасторалниот центар во Охрид во организација на Македонски Каритас, а со благослов на Неговото Високо Преосвештенство монс. д-р Киро Стојанов. На кампот учествуваа 40-тина млади волонтери од четири парохии на Апостолскиот егзархат во Макеоднија: „Свети Пророк Илија“ – Радово, „Успение на Пресвета Богородица“ – Нова Маала, „Свети Кирил и Методиј“ – Петралинци и „ Свети Иван Крстител“ – Струмица.

На вториот ден од кампот о. д-р Зоран И. Стојанов го образложи волонтерството и волонтерството во семејството. При тоа во работните групи младите имаа можност да ги изнесат своите размислувања за волонтерството, како и можноста да се преземат волонтерски акции во своите парохии.

На третиот ден о. Гоце Костов зборуваше за младите и иднината. Тој истакна дека младите обично се наоѓаат на крстопат и пред донесување на важни одлуки за животот. Затоа е потребно да се донесе исправна одлука, но за донесување на таква одлука е потребно младиот човек да созрева и тоа: емотивно, социјално, морално и духовно. Токму на овие теми младите во групи донесоа заклучоци за важноста од созревање на младата личност.

На крајот од третиот ден беше организирана работилница, во која две групи млади дебатираа: едната група го застапуваше волонтерството во граѓанскиот сектор, додека другата христијанското волонтерство.

На четвртиот ден Спасе Спасов, координатор во Македонски Каритас зборуваше за волонтерството како себедарување. Кога нешто даруваме или кога даруваме дел од своето време ја доживуваме Божјата близина, бидејќи остаруваме контакт со нашите браќа и сестри кои имаат потреба од нас.  Воспоставувајќи комуникација, помагајќи на оние во потреба ние ќе ја почувствуваме радоста на дарувањето, бидејќи на тој начин ние воспоставуваме контакт со самиот Исус Кој се поистоветува и е присутен во бездомните, болните, старите, осамените и напуштените. Нема друга радост освен Исус Христос и заедништвото со Него.

На последниот ден од волонтерскиот камп беа донесени заклучоци, а како резултат по работите во групи младите ги изнесоа своите перспективи за понатамошните волонтерски активности во парохиите.

Покрај работниот дел од кампот младите останатото време го поминаа во запознавање, заедништво и дружење.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот