Со свечена света Архиерејска Литургија во недела, 4 октомври, во Радово ќе заврши овогодинешното чествување на Марија од Назарет, кое се одржува под мотото „Марија, пример дека Бог не бара совршенство, туку отворено срце“.
Литургијата ќе ја предводи Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Струмичко-скопски епископ и Скопски бискуп, кој ќе одржи и проповед.
Свеченоста ќе започне во 9.30 часот со процесија со статуата на Марија од Назарет околу црквата, по што ќе започне светата Архиерејска Литургија. По нејзиното завршување е предвидено заедничко агапе во црковниот двор.
Архиерејската Литургија е завршница на Тродневницата во чест на Марија од Назарет, која започна во четврток, 1 октомври, со заедничка накана за нови духовни звања. Првиот ден беше одбележан со молење Бројаница, изнесување на статуата на Марија од Назарет, света Литургија и духовен наговор. Во петок се предвидени света Литургија, духовен наговор и Молебен до Пресвета Дева Марија, а во сабота процесија со статуата до капелите и Крстот во центарот на селото. Во текот на Тродневницата верниците имаат можност и за света Исповед.
Светата Архиерејска Литургија ќе се пренесува на Радио Марија Македонија на FM 106,5, како и преку интернет www.radiomarija.mk и мобилната апликација на радиото.
к.мк

