Таа во себе ја потхранувала идејата да се посвети на мисијата во Македонија, особено многу го почитувала дон Боско и неговото дело, што во тие денови било во својот расцут. Но Еврозија чувствувала особена желба да го проучи делото на Марија Маѕарело, помошничката на дон Боско и Основачка на конгрегацијата Марија Помошничка.
Додека светецот, кого сега го почитува целата Католичка црква, го усовршувал своето дело, посветено на најзапоставените момчиња, Марија Маѕарело се грижела за спасението на малите девојчиња од народот. Вдахновена од Бога, таа ревносна Божја служителка основала една работилница со црквичка каде ги собрала сиромашните девојчиња од село Вал де Морнезе, во едно предградие на Торино, им предавала катехизис и ги учела да шијат. Во почетокот тој завод бил многу скромен, но дон Боско, мисионерот на новото време, ги посветил своите грижи, за да го дополни своето сопствено дело, посветено на момчињата. Марија Маѕарело, по сугестија на светецот, одлучила да го усоврши својот завод и да му даде форма на монашка заедница. Идејата се остварила на 5 август 1872 година, кога Марија Маѕарело, заедно со своите духовни ќерки, примила монашка облека. Заедницата била наречена конгрегација на ќерките на Марија Помошничка, денес е една од најактивните и брои околу 5000 сестри во цел свет. Освен редот на Салезијанците и на ќерките на Марија Помошничка, дон Боско основал трета заедница од мирјани и мирјанки. Последните живееле во светот и од нив светиот основач барал само да работат за спасение на ближниот преку молитви, совети, милостина и слично. Оваа цивилна заедница го добива името Салезијански помошници и денес брои повеќе од 500.000 членови.
Пророштвото на свети Иван Боско
Во почетокот на месец мај 1887 година во својата постојана молитва кон Небесната Царица, Еврозија молела – пред да заврши месецот, посветен на Божјата Мајка, таа таа да прими знак за Божјата волја околу нејзиното звање. – За оваа своја молитва – пишува отец Мелхиор – таа ништо не му кажала на својот исповедник и уште помалку на други лица, и во квечерината на 23 мај, празникот на Пресвета Богородица Помошничка, Еврозија заедно со сестра ѝ Наталија и со неколку братучетки, оди во храмот на Валдоко за да присуствува на конференцијата на Салезијанските помошници. По завршувањето на Литургијата, Еврозија се подготвила да си оди дома, но братучетките ѝ рекле: – Ајде да одиме во сакристијата да му бакнеме рака на дон Боско. – Не – одговорила Еврозија – да си одиме. Има толку многу народ кој сака да го поздрави дон Боско. Ризикуваме да ни ги искршат коските, без да имаме среќа само да го видиме Божјиот човек.
Но, братучетките настојувале упорно да одат, а за да не остане сама Еврозија си направила пат меѓу народот и влегла во сакристијата. Дон Боско бил на другиот крај од сакристијата, наспроти влезната врата: отстрана го држеле двајца свештеници; други свештеници правеле место и ги пуштале верниците да му бакнуваат рака на Божјиот слуга. Штом Еврозија влегла во сакристијата дон Боско веднаш ја препознал и ја повикал по име да дојде кај него. Вцрвенета од срам меѓу мноштвото луѓе Еврозија се приближила до Божјиот човек, а тој ѝ прошепотил. Ти си барала знак од Света Богородица и таа ти го дава преку мене. Оди во Солун и стави се на располагање на твојот брат Јосиф, прави така како што ќе ти каже тој. Но, пред да заминеш, дојди повторно кај мене, бидејќи сакам нешто да ти кажам. Наталија и братучетките биле љубопитни и сакале да дознаат што ѝ рекол дон Боско на Еврозија, но таа го зачувала тоа во своето срце и никому не кажала… Еврозија побрзала да го посети дон Боско според неговата желба. Овојпат таа била сосема слободна и му кажала сè што сакала. Дон Боско со големо внимание ја ислушал и ѝ кажал дека оваа е Божјата волја. Тој ја советувал, давајќи ѝ некои практични совети. Потоа ѝ рекол: – Сега клекни на колена за да ти го дадам мојот благослов. Еврозија паднала на колена и светиот човек ја благословил. Пред да замине, на збогување, дон Боско ѝ рекол на Еврозија: – Пред да заминеш ти ќе дојдеш повторно и ќе ме видиш, но јас нема да можам да те благословам. Веќе сигурна во Божјата волја – продолжува отец Мелхиор – Еврозија започна да се подготвува за заминувањето. Таа предвидуваше дека многу ќе страда, кога ќе ги остави своите родители, но цврста во своето гесло, таа најде сила да се раздели од најмилото, по донесувањето на својата одлука. Таа си најде сопатничка и го определи терминот 3 февруари 1888 година како ден за тргнување од Торино. Кон средината на јануари дон Боско тешко се разболе, а Еврозија не можеше да го посети. На 31 јануари светецот беше повикан од Бога за да ја добие својата Небесна награда. На 1 февруари Еврозија отишла да го посети дон Боско, но ги видела само неговите посмртни останки. Пророштвото се случи: дон Боско не можеше да ја благослови Еврозија… Подоцна, Еврозија често им зборувала на своите духовни ќерки, на сестрите Евхаристинки за средбите со дон Боско. – Отидов кај него со полна вреќа стапчиња против мојот повик. Тој ги ислуша едно по едно и како да ми ги читаше мислите, секогаш ми одговараше со зборовите: – Знам… знам… но братот твој има потреба од тебе… Ти ќе основаш една заедница од месни сестри… ќе имаш деца и девојчиња да ги воспитуваш… Затоа биди внимателна кон советот кој ти го давам: „Omnia videre, pauca corrigere, multa dissimulare” (Сè гледај, малку поправај, многу прикривај).
Погребот на дон Боско
Црквата на Пресвета Богородица помошничка се полнела со народ. Веста за смртта на дон Боско брзо се раширила не само во Торино, туку и во околните села. Од раните зори прекрасниот храм почнал да се полни со народ од сите слоеви на заедницата, богати и сиромашни, мажи и жени, граѓани и селани, деца и старци; сите брзале со последна почит да се поклонат пред смртните останки на светецот. Еврозија за миг имала можност да ги види незаборавните црти на тој Божји човек кон кого чувствувала особена почит, бидејќи светата Божја Мајка го одбрала него да ѝ го открие патот по кој требало да тргне за да ја исполни својата мисија. Во нејзиното паметење сè уште одекнувале татковските зборови на дон Боско: – Ти ќе ме видиш, но јас нема можам да те благословам. Да, Еврозија го видела измаченото лице на светителот, но неговите очи веќе биле изгаснати, устата му била без глас, рацете неподвижни, телото почивало во прегратките на неизбежната смрт. Да, навистина – овие раце не можеле да се кренат за благослов, оваа златна уста не можела да ги изговори слатките зборови: „Benedicat te”… (Да те благослови…). Длабока тага го опфатила срцето на Еврозија, очите ѝ се насолзиле, душата го почувствувала недостигот од татко, од кого очекувала поткрепа и охрабрување, пред да го направи најважниот чекор во својот живот. Но, црквата продолжила да се полни со народ: сите се упатувале кон посмртниот одар на светецот за да му го кажат своето последно „збогум”. Еврозија морала да се тргне, за да им даде можност и на другите да го видат мртвото тело на големиот човек, дон Боско. Застанала во еден агол од црквата и се молела со тивка длабока молитва кон Пресвета Богородица, покровителка на таа црква… Торино никогаш не доживеал таков ден, црквата на дон Боско никогаш не видела толку богомолители, бидејќи до вечерта поминале 40.000 луѓе за да се поклонат пред посмртните останки на Божјиот слуга. Еврозија се упатила полека дома, мислите ѝ биле со дон Боско со последните зборови кои ги слушнала од него, кои ставиле крај на нејзиното колебање за нејзинот повик. Случката со пророштвото на дон Боско за Еврозија била последниот доказ за Божјата волја врз нејзиниот необичен повик. Тој не се збунил кога ѝ кажал дека не ќе може да ја благослови. Исто така ѝ ја кажал вистината дека нејзиниот брат има голема потреба од неа за да основа монашка заедница. Внатрешно убедена и спокојна, поткрепена од Божјата благодат и од покровителството на Дева Марија, таа достоинствено и широкоградо ја исполнува кон Бога својата голема жртва, разделбата од својот топол и мил татков дом, од саканите родители, од браќата и сестрите, вујкото, роднините и пријателите, од својата мила татковина, толку богата со прекрасни цркви и светилишта за да оди во непозната земја. На 2 февруари 1888 година во Торино се забележува необично движење. Овој ден бил определен за погребот на дон Боско. Тоа било величествено: присуствувал целиот град, 20.000 луѓе ги придружувале посмртните останки на големиот покојник до местото Валсаличе, во околината на Торино, каде се наоѓа семинаријата на отците Салезијанци. Не постојат документи со кои би се докажало дали Еврозија била присутна на погребот на дон Боско. Но сето ова ѝ оставило голем впечаток, бидејќи таа му должела многу на овој свет Божји слуга преку чија уста Света Богородица ѝ го открила нејзиниот повик.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.