Од 7 до 11 мај 2018 година во куќата на сестри Евхаристинки во Радово, отец Јаков Кајиниќ, духовник во Богословијата во Сараево, одржа духовни вежби за сестрите Евхаристинки од провинцијата на Божјата провидност од Македонија.
Главна тема за размислување на духовните вежни беше „Исус во мојот живот“. Отец Јаков многу едноставно и полн со живот ја претстави средбата на Исус со луѓето кои паднале во грев или имаат некаква телесна болест. На посебен начин нагласи дека секоја средба со Исус, повик или поглед го менува човековиот ум, срцето и делувањето, се разбира ако човекот е отворен за Божјата благодат. Отец Јаков размислуваше за примерот на некои ликови од Светото Писмо: на пример за преобраќањето на цариникот Матеј, кој своето богатство го стекнал на нечесен начин и затоа народот го мразел, колнел и пцуел, но средбата со Исус го менува тој крадливец и лажливец. Од цариник и грешник станува Исусов апостол; за слепиот од раѓање од градот Ерихон, кој живел во темнина преку средбата со Исус прогледува; свети Петар, кој во својата замисленост и надевајќи се на своите сили три пати се откажа од својот Учител, но погледот на Исус не го оставил рамнодушен. Погледот на Исус го менува силниот Петар. Исус дава шанса на секого, дури и во последниот момент на неговиот живот како што тоа го направи и со разбојникот на крстот Дизман „уште денес ќе бидеш со мене во рајот.“ За жал првосвештениците и фарисеите останаа тврди во својата гордост и замисленост. Средбата со Исус ја гледаа само за да го фатат на збор, да го осудат. Тие не ги отвориле срцата за Божјото Слово и затоа не се преобратиле – рече отец Јаков.
Тоа беше привелигирано време за сестрите преку молитва, наговори, размислувања, Обожавање на Светата Причест и евхаристиско славење, да го обноват својот духовен живот. Посебно доживување беа духовните песни придружени со гитара на о.Јаков.
с. Мартина Стојкова/к.мк