Децата молеа за мир во Македонија и поминаа низ Светата врата на милосрдието во катедралата во Скопје
На 21 мај 2016 година во катедралната парохија „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје беше организирана работилница за деца во рамките на Годината на милосрдието. Целта на работилницата беше да ги воспитаат децата за средба со Исус во Евхаристијата и со молитва да поминат низ Вратата на милосрдието, молејќи за мир во Македонија, воедно и да се подготват за празникот Телово. На работилницата присуствуваа 30 деца, од 4 до 14 години..
По катехезата за свети Тарзициј, малиот маченик за Евхаристијата, децата подготвија стаклени шишенца за свеќи, со самолепливи сликички и научија неколку песни со придружба на гитара.
И покрај дождот, во процесија тргнаа од салата до Светата врата во катедралата со запалени свеќи. Пред вратата, парохот дон Давор Топиќ ја прочита параболата за Милосрдниот Отец. Потоа постави неколку прашања инспирирани од евангелието за милосрдието и го објасни значењето на Светите врати и Јубилејната година.
Потоа децата заедно со парохот ја отворија Светата врата и влегоа во капелата, каде беше подготвен мал олтар, по мерка на децата, каде беше поставена Пресветата Олтарска Тајна. Децата беа околу Исус седнати на колена, со песни и молитви, подготвени и спонтани, ја искажаа својата љубов кон Исус. Трогателно беше да се слушаат молитвите на децата, особено молитвата на едно дете кое молеше „мојот брат и јас да бидеме крстени“. Тоа беа длабоки и трогателни моменти кои ги допреа и возрасните. Радосното заедништво беше продолжено со ужина.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк