Двајца Папи – двајца светци: Зошто се свети?

Зошто се свети? Околу тоа прашање на 22 април во Канцеларијата за печат на Светата Столица е одржан првиот од серијата брифинзи кои ќе следат сѐ до недела, денот кога блажен Иван XXIII и блажен Иван Павле II ќе бидат прогласени за свети. Тоа е пат кој има повеќе делови – објасни директорот на Канцеларијата за печат на Светата Столица патер Федерико Ломбарди, претставувајќи ги секојдневните информации кои ќе бидат објавени и на англиски и на шпански јазик. На брифингот беа присутни постулаторите на двата процеса за прогласување на свети, патер Џовани Џузепе Калифано од редот на малите браќа за папата Ронкали и полскиот свештеник монсињор Славомир Одер за папата Војтила.

Многу е значајна светоста на тие два духовни лика. Што се однесува за папата Ронкали илјадници верници го почувствувале духот на светост од самото негово заминување, 3 јуни 1963 година – рече постолаторот Џовано Џузепе Калифано, претставувајќи го ликот на блажен Иван XXIII. Светоста била одлука која Ронкали ја негувал во сите периоди од неговиот живот: како свештеник, епископ и како папа.

Неговата светост – додаде патер Калифано – е обележана со голема понизност и препуштање на провидноста. Неговата светост е едноставна и привлечна, разбирлива и блага. „ Бог е сѐ, јас не сум ништо; тоа ми е доволно“ – така зборувал Ронкали на крајот од секој ден. Гигантски е тој лик на светец кој патер Калифано го сумираше во две компоненти. Првата е: пастир и отец. Неговото татковство го допрело светот; врамено во радост и срдечност, карактеристики кои се споиле во дефиницијата „Добриот папа“.

И отворил на Црквата нови хоризонти, закажувајќи синода за Римската бискупија и Вселенски собор. Бил способен да комуницира посебно сакајќи едноставни и директни облици со примери кои произлегуваат од секојдневниот живот. Притоа секогаш успевал веднаш да влезе во срцата на луѓето. Но, иемнувањето „добар Папа“ – додаде патер Калифано –  треба да го сфатиме онака како што кажа наследникот на Ронкали, папата Павле VI: „Не бил некој неодреден, лесно применлив, бонизам, туку синоним на љубов, пасторален дух, разбирање, простување и утеха. Всушност онаков каков што е Исус во Евангелието – рече патер Калифано.

Другата компонента со која може да се опише ликот на Ронкали е „послушност и мир“, тоа е неговото епископско гесло, но и резиме на неговиот живот и служење на Црквата. Ја напушта сопствената земја, среќавајќи се со за него непознати светови, па и на места каде присутноста на католици е многу мала. Таа послушност му допуштила со доверба да се препушти на Божјата провидност – рече патер Калифано – за да се одвои од самиот себе и потполно да се посвети на Христос. Во тоа е вистинскиот извор на добрина на папата Иван XXIII како и мирот што го ширел по светот. Тука е и коренот на неговата светост: во евангелската послушност на гласот на неговиот Господ.

Зборувајќи за првиот знак на светост на Иван Павле II, монсињор Славомир Одер ги спомна колегите од универзитетот кој на вратата на собата на Карол напишале: „Иден светец“. Ги погодила неговата наклонетост на молитва и размислување за вредноста на животот, кој – како што рече монсињор Одер – веројатно била поврзана со неговото детство исполнето со страдање поради загубата за многу кратко време на целото семејство.

Меѓу важните духовни ликови кои Иван Павле II го обликувале во маријанска и зрела вера – спомна монсињор Одер – е неговиот татко, едноставен кројач од Краков и тогашниот краковски надбискуп кој го примил во семинарија. Тие се заслужни за едноставната и во народот омилена вера која е заедничка за двајцата папи кои во недела ќе бидат прогласени за свети; како и за длабочината на мистиката и храброста во упорното соочување со спротивставувањата, гледајќи ја секогаш во историјата Божјата присутност.

Кога навистина би требало да побараме израз кој го опишува некој светец, тоа е тогаш „Божји човек“ – рече монсињор Одер и додаде – Иван Павле II бил човек кој знаел во Бог да го пронајде изворот на животот. Молитвата за него била здив, вода и секојдневен леб. Задача на Папата како и задача на Црквата – повеќе пати повторуваше Иван Павле II – е да евангелизира и на сите да им донесе светост. Иван Павле II во младоста ја запознал пораката на Божјото милосрдие за него била важна обврска да го плати долгот за таа примена љубов. Тоа е клучот за разбирање на целиот негов живот – истакна монсињор Одер.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот