Марија во мене победува во тој момент кога свесно се одлучувам за понизност. Кога прифаќам и се држам до мајчинството и дарот на животот, кога не се плашам од животот. Слична сум на Марија кога го љубам својот сопруг со сите негови рани и талкања.
Секогаш одново се радуваме на сликата божиќни јасли. Марија, Јосиф, Младенецот, пастирите, мудреците, животните… Сето тоа нѐ потсетува на многу Божици кои сме ги поминале со семејството, на нашата вера, на Исусовото раѓање. Божиќ е празник на нежноста, на нежната Божја љубов кон човекот. Божиќ нѐ потсетува кој сме. Сакани синови и ќерки на единствениот Отец. Исус во јаслите ни зборува дека имаме Отец и дека не сме сами. Чуден е тој Божиќ! А повторно така неразбирлив! Како со разумот да се прифати дека самиот Бог одлучил да се овоплоти и да се роди како мало дете, да биде ранлив, сокриен во кревкото тело на доенче? Но, за прифаќање на оваа вистина всушност не е потребно многу, само да се има отворено срце. Бидејќи оваа е најубавата љубовна порака за тебе! Бог се роди – за тебе!
Пребарувајќи по спомените од различни настани кои ги одбележале изминатите Божици, се сетив на еден текст и кратка медитативна приказна. Во скромна штала покрај другите, вообичаени лица оддеднаш се појавува стара жена. Многу, многу стара жена. Изгледа како да не припаѓа овде. Подгрбавена, со збрчкано лице полека се приближува кон малиот Исус. Оддеднаш тишина! Сите со чудење ја гледаат оваа старица. Што бара таа овде? Кога се приближува до Светото семејство, под прегачот со треперлива рака вади јаболко и го пружа кон малиот Исус. Јаболкото од првиот грев! Присутните воздивнаа: „Ева, па тоа е Ева!“
Ева го носела јаболкото, симболот на паднатиот човечки род, симбол на човековата горделивост и неверноста на Божјата љубов. Како да сака со јаболкото да ја отстрани таа стигма, предавајќи ја во рацете на Младенецот. Сака ли да му признае сѐ, да замоли за нова можност или да Му заблагодари што конечно одлучил да се овоплоти? Тоа несреќно дрво со јаболко, Исус ќе го посвети висејќи на Крстот.
Ева е слика за првата жена. Бог ја создава со многу нежност и љубов, но Ева за жал не верува во таа Љубов. Наговорена од таткото на лагата, дозволува да ѝ ја одземе довербата во Создателот. Злоупотребувајќи ја слободата, не ја послушала Божјата заповед. Последицата е смртта! Губењето на милостите од изворната светост! Секој грев после првиот пад на прародителите во себе ги содржи овие две димензии. Непослушноста кон Бога и недостатокот на доверба во неговата добрина. Знаеме од книгата на Битие дека Бог сепак не го напушта човекот, туку ветува Жена која ќе го роди Спасителот. Христијанската традиција во тој дел ја гледа Исусовата Мајка Марија како „нова Ева“. Марија во себе го носи тоа што Ева го нема. Потполна доверба во Божјата љубов и неверојатна послушност на Божјото слово. Нека ми биде!
Оваа статија всушност е еден вид на испит на совеста за нас жените. Во секоја жена на некој начин се случува борба помеѓу Ева и Марија. Која од нив двете преовладува во животот? Ја препознаваат ли моите домашни и пријателите во мене Ева или Марија? Поблизу сум до Ева кога не го живеем до крај посланието на мајка и сопруга. Кога сум себична и затворена. Слична сум на Ева и тогаш кога се плашам од мајчинството, кога се согласувам на ограничувања, кога подлегнувам на културата на смртта и кога се предавам на стравовите. Ева сум и тогаш кога ме заблескува примамливиот свет. Кариерата, самобендисаноста, озборувањето, љубопитноста, сладострасноста, горделивост.
Марија во мене победува во тој момент кога свесно се одлучувам за понизност. Кога прифаќам и се држам до мајчинството и дарот на животот, кога не се плашам од животот. Слична сум на Марија кога го љубам својот сопруг со сите негови рани и талкања. Марија е нежна и блага. Секогаш кога одбирам благост наместо лутина, Марија ја победува Ева. Марија е духовно плодна! Ако се грижам, меѓу останатото, и за духовниот живот на своите деца и ако сум свесна дека се тие Божји, слична сум на Марија. Ова навистина е борба на секоја жена и трае додека одиме на оваа земја. Вистинската борба за светот во кој живееме се одвива во секое човеково срце. Таму се одвиваат главните борби. Така е кај нас жените. Велат дека жената држи три агли во куќата. Ако тоа го пренесеме малку пошироко, можеме слободно да кажеме дека светот ќе изгледа онака како што секоја жена го живее сопствениот повик. Жената има сила да го облагороди или да го сруши светот.
Нека овој Божиќ ти биде посебен! Посебен по тоа што ќе му ветиш на Исуса дека ќе бидеш како Марија и ќе му шепнеш дека Го сакаш! Ќе му се заблагодариш што си жена и што ти дал толку посебно и одговорно послание!
Гласник мира/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк