Господи, подигни ме од моето полумртвило
Често лежиме полумртви на патот, можеби и несвесни за својата духовна смрт. Душата и телото ни се ранети од „разбојниците“: нашите гревови, нашите слабости, нашата горделивост, озборувањето, нашата амбициозност, самобендисаноста, приврзаноста на материјалноста… Затоа што не сме во денешниот Ерусалим – Црквата, се оддалечуваме и се приближуваме кон световноста, таму каде што владеат правилата на светот, каде што не постои Бог, а „постои слободата“.
Секојдневно се среќаваме со луѓе кои се мудри, паметни, интелигентни, многумина од нив се во наша непосредна близина. Погледнуваат на нас, на нашата потреба, но го свртуваат погледот и си заминуваат. „Тоа не е моја работа“, остануваат на страна, индиферентни, незаинтересирани.
Можат да се најдат безброј причини кои ќе го оправдат тоа однесување. Си има надлежни институции кои се одговорни за состојбата на тој човек во потреба. Тој е сиромашен, извалкан, болен, не можам да му се приближам може да ме зарази од својата нечистотија. Се извлекуваме барајќи разни оправдувања само да не бидеме ние тие кои ќе излезат во пресрет на ближниот во потреба. Можеби премногу сме концентрирани на себе си, во центарот се нашите потреби и грижи, не мислејќи на ништо друго? Секогаш времето ни е ограничено и мораме да брзаме.
Тогаш кога се чувствуваме осамени, напуштени, ранети, Ти Господи се приближуваш, ни помагаш, нè подигнуваш и нè лекуваш. Можеме да го почувствуваме Твоето постојано присуство во „полевањето на нашите рани“ со елејот во Твојата света Тајна Елеопомазние на болните, каде што Ти невидливо си присутен. Чувствуваме како ја чистиш нашата облека која ја извалкаа „разбојниците“…. Нè враќаш во Твојот дом каде што припаѓаме, нè доверуваш на Твоите служители да пазат на нас и плаќаш за да имаме нов живот без рани. И ако е потребно Господи ќе доплатиш… И имаш само едно барање: “Возљуби Го Господа Твојот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себе си.“ (Лк 10, 27).
Пишува: Данче Ичева
к.мк