Во катехезата за време на Генералната аудиенција во среда 3 февруари 2021 година папата зборуваше за литургиската молитва и истакна дека мора да се избегне интимна духовност и само индивидуална молитва. Катехезата на Папата ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во историјата на Црква повеќе пати е забележано искушението да се практикува интимно христијанство кое не ги признава јавните богослужбени обреди и нивната духовна важност. Често пати зад тие стремежи се крие наводна поголема чистина на побожноста која не зависи од надворешните славења, сметајќи ги за непотребни и штетно оптеретување. Во центар на тие критики, на крајот се покажа, не е некоја посебна обредна форма, или некој начин на славење, туку самата Литургија, литургиската форма на молење.
Имено, во Црквата можат да се најдат одредени форми на духовност во кои не било можно на соодветен начин да се интегрира литургискиот момент. Многу верници, иако честопати учествувале на обредите, посебно на неделната Литургија, црпеле сила за својата вера и нивниот духовен живот од други извори, поточно од некој вид побожност.
Во последните децении во тој поглед е постигнат голем напредок. Конституцијата Sacrosanctum concilium на Вториот ватикански собор претставува централна точка на овој долг пат. На целосен и систематски начин ја потврдува важноста на Божествената Литургија за животот на Христовите верници, кои во неа наоѓаат објективно посредување, кое произлегува од фактот дека Исус Христос не е идеја или чувство, туку жива личност, а неговото таинство историски настан. Молитвата на Христовите верници е поврзана со конкретно посредство: Светото Писмо, Светите Тајни, литургиските обреди, заедницата. Во христијанскиот живот не се занемарува физичката или материјалната сфера, затоа што во Исус Христос тоа стана пат за спасението. Можеме да кажеме дека мора да се молиме и со телото: телото влегува во молитвата.
Затоа, нема христијанска духовност која не е вкоренета во славењето на светите таинства. Во „Катехизмот“ читаме: „Посланието на Христос и Светиот Дух, во светотаинското служење на Црквата, го навестува, воприсутнува и соопштува таинството на спасението и продолжува во срцето кое моли“ (бр. 2655). Литургијата, сама по себе, не е само спонтана молитва, туку нешто повеќе и пресуштествено: тоа е чин од каде произлегува целото христијанско искуство и затоа молитвата е исто така настан, случување, присуство, средба. Таа е средба со Христос. Христос е присутен во Светиот Дух преку светотаинските знаци: ова е причината поради која ние, Христовите верници, мора да учествуваме во божествените таинства. Христијанство без литургија, би се осмелил дури да кажам, можеби е христијанство без Христос. Без самиот Христос. Дури и во најскромниот обред, како што е оној, кој некои христијани го славеле и го слават во места на заробеништво или тајно во некоја куќа за време на прогонство, Христос е вистински присутен и им се дарува на своите браќа.
Токму поради својата објективна димензија, Литургијата бара таа да се слави со посветеност и ревност, така што благодатта излеана во обредот да не се изгуби, туку да го зафати животот на секој поединец. Во „Катехизмот“ ова е многу убаво објаснето кога се вели: „Молитвата го повнатрешнува и усвојува богослужението за време и по неговото славење“ (исто). Многу христијански молитви не потекнуваат од Литургијата, но сите, ако се христијански, претпоставуваат Литургија, односно таинствено посредување на Исус Христос. Секојпат кога славиме крштевање или посветуваме леб и вино во Евхаристијата и помазуваме болно лице со свет елеј, таму е Христос! Тој е оној кој дејствува и е присутен како кога ги лекуваше немоќните удови на некој болен или на Последната вечера кога го предаде својот завет за спасение на светот.
Преку молитвата на своите верни, Исус е присутен во Светите таинства. Она што е надвор од нас станува дел од нас: Литургијата го изразува тоа дури и со таков природен гест како јадење. Литургијата не може само да се „слуша“ и не е правилно да се вели: „Одам да ја слушам Литургијата“. Литургијата не може само да се слуша, како да сме само набљудувачи на нешто што минува пред нашите очи без да сме вклучени во неа. Литургијата секогаш се слави и тоа не само од страна на свештеникот кој ја предводи, туку и од сите христијани кои ја живеат. А центарот е Христос! Сите ние, во разновидноста на даровите и службите, сите се придружуваме во неговото дејствување, зашто Тој, Христос, го има главниот збор во Литургијата.
Кога христијаните започнале со своите богослуженија, тие го правеле така што Исусовите гестови и зборови ги ставале во сегашно време, во светлото и силата на Светиот Дух, така што нивните животи, зафатени од таа благодат, ќе станат духовна жртва принесена на Бога. Таквиот пристап бил вистинска „револуција“. Свети Павле пишува во Посланието до Римјаните: „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба“ (12,1). Животот е повикан да стане богопочитување, но тоа не може да се случи без молитва, посебно литургиската молитва. Оваа мисла може да ни помага на сите кога одиме на света Литургија: Одам да се молам во заедница, одам да се молам со Христос кој е присутен. Кога одиме да славиме крштение, на пример, Христос е таму присутен, самиот Христос крштева. „Но, оче, тоа само така се вели, тоа е само обично изразување“: не, тоа не е обичен израз. Христос е присутен и во Литургијата и ти се молиш со Христос кој е крај тебе.
Ватикан њуз/к.мк