На Генералната аудиенција во среда 30 март 2022 година, папата Фрањо ја продолжи катехезата за животот и сведочењето на постарите и се осврна на тоа како тие можат да ги научат помладите генерации за важноста на препознавање на Божјото присуство во секојдневниот живот.
На оваа катехеза Светиот Отец се фокусираше на евангелски пасус за ликовите на постарите лица Симон и Ана и како тие можат да ни помогнат во сфаќањето дека постарите се повикани на лично сведоштво за вера и доверба во исполнувањето на Божјите ветувања, со што се градат мостови меѓу генерациите. Додека минувањето на годините може да ги ослаби нашите физички сетила, во овој скапоцен период од животот Светиот Дух ги изострува нашите духовни сетила, истакна Папата.
Верноста на исчекувањето
Евангелието според Лука вели дека Симон и Ана го чекале Божјото доаѓање, а по откровението на Светиот Дух, Симон знаел дека нема да умре додека не го види Месијата. И двајцата, исполнети со „духовна виталност“, го препознаа Божјото присуство во малиот Исус, кој ги исполни со утеха пред да се збогуваат со животот.
Оваа верност на исчекување, објасни Папата, ги изострува сетилата, бидејќи Светиот Дух ги просветлува сетилата без разлика на ограничувањата или опаѓањето на физичките, телесни сетила, што е сосема природно како што старееме. Староста посветена на Бога и исчекувањето на неговото доаѓање и утеха ќе биде уште поподготвена да го почувствува и прифати неговото доаѓање, истакна тој.
Духовни сетила
Светиот Отец ја истакна потребата на општеството од стари лица кои се способни да го препознаат и примат присуството на Христос и даровите на неговиот дух. Денес ни е потребно повеќе од кога било: старост обдарена со живи духовни сетила, способни да ги препознаат знаците Божји, поточно Божјиот знак, кој е Исус, рече тој пред присутните.
Од друга страна, општеството кое го воздигнува задоволството и негува илузија на вечна младост може да делува како „анестетик на духовните сетила“, предупреди Светиот Отец, а особено е опасно бидејќи не сме ни свесни дека тоа се случува. Кога ќе го изгубиме сетилото за допир или вкус, веднаш забележуваме. Но, кога станува збор за чувствителноста на душата, можеме долго да ја игнорираме и на тој начин да предизвикаме нечувствителност на духовните сетила, кои се поврзани со сочувство, каење, лојалност, нежност и одговорност за себе и за другите.
Сведоци, а не протагонисти
Треба да го вратиме духот на човечкото братство, рече Папата, да ја вратиме чувствителноста кон духовните прашања и да создадеме култура каде што ќе може да расте социјалната нежност.
Животите и сведоштвата на Симон и Ана, како и на другите духовно чувствителни стари лица во библиските записи, нè учат едноставно да сведочиме на идните генерации. Симон и Ана препознаваат во Детето Исус сигурен знак за Божјата посета и се согласуваат да не бидат протагонисти, туку само сведоци. Напротив, за оние кои сакаат да бидат протагонисти, патот до полнотата никогаш нема да созрее и на крајот ќе биде површен, рече Папата. Голема е бројот на површни генерации кои не си дозволуваат да ги чувствуваат работите со чувствителноста на Духот. Но, зошто не можат да си го дозволат тоа? Делумно од мрзеливост, а делумно затоа што веќе не можат: го изгубија. Грдо е кога цивилизацијата ја губи чувствителноста на Духот. Наместо тоа, убаво е кога ќе наидеме на постари луѓе како Симон и Ана кои ја задржуваат таа чувствителност на Духот и се способни да разберат различни ситуации, како што тие двајцата ја препознаа ситауцијата пред себе, го препознаа Месијата – рече папата Фрањо.
Утеха во новите генерации
Симон и Ана не жалат што Бог не е воплотен во нивната генерација, туку во она што следува. Напротив, чувствуваат голема утеха кога гледаат и објавуваат дека историјата на нивната генерација не е изгубена или залудна. Тоа, додаде Папата, го чувствуваат постарите кога нивните внуци разговараат со нив, се чувствуваат полни со живот. Папата ја истакна важноста да се посетуваат постарите и да се слушаат. Важно е да се разговара со нив, бидејќи има размена на цивилизација, зрелост, меѓу младите и старите, истакна тој. На овој начин нашето општество се развива на зрел начин.
Отворена стара личност се збогува со животот, пренесувајќи го на новата генерација. А тоа е збогувањето на Симон и Ана. Духовната чувствителност на староста е способна да ја смири конкуренцијата и конфликтот меѓу генерациите на веродостоен и решителен начин. Тоа секако е невозможно за човекот, но можно за Бога. Денес очајно ни е потребна духовна чувствителност, зрелост на духот; ни требаат мудрите, постарите, духовно зрелите, кои даваат надеж за живот, заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк