Светиот Дух не учи да се молиме како Божји деца и да се застапуваме во молитвата за другите, потсети Папата за време на генералната аудиенција одржана на 6 ноември 2024 година на плоштадот Свети Петар.
„Осветувачкото дејство на Светиот Дух се покажувa не само воСловото Божјо и Светите Тајни, туку и во молитвата, и на тоа ќе го посветиме денешното размислување“, ја започна папата Фрањо својата катехеза на генералната аудиенcија.
Папата истакна дека Светиот Дух е „и субјект и објект на христијанската молитва“. „Се молиме да го примиме Светиот Дух и го примаме Светиот Дух за да молиме вистински, односно да молиме како Божји деца, а не како робови“, објасни Папата, додавајќи дека „секогаш мораме слободно да молиме“ кога „ чувствувате потреба во срцето“, а не со принуда.
Молете се да дојде Светиот Дух
Според Светиот Отец, пред сè, „мора да молиме за да го примиме Светиот Дух“. Во врска со тоа, тој потсети на зборовите на Исус Христос: „И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?” (Лука 11,13). Во Новиот завет гледаме како Светиот Дух секогаш доаѓа за време на молитвата. Тој се спушти на Исус на крштевањето во Јордан кога Тој „се помоли на Бога“ (Лука 3,21); и Он доаѓа кај учениците на денот на Педесетница, додека „еднодушно беа постојано во молитва“ (Дела 1, 14)“, рече Папата.
Светиот Отец истакна дека „ова е единствената „власт“ што ја имаме над Духот Божји“, Тој не може да се спротивстави на молитвата. Папата потсети дека на планината Кармил, лажните пророци на Ваал се обиделе да повикаат оган од небото за нивната жртва, но ништо не се случило бидејќи тие биле идолопоклоници – тие се поклонувале на бог кој не постои; но кога Илија се помоли, огнот слезе и ја изеде сепаленицата (3 Царевства 18,20-38). „Црквата верно го наследува овој пример: молбата „Дојди!“ е секогаш на нејзините усни кога му се обраќа на Светиот Дух, особено за време на Литургијата, за да може да се спушти како роса и да ги освети лебот и виното за евхаристиската жртва“ – нагласи папата Фрањо.
Светиот Дух ја овозможува молитвата
„Но, има уште еден аспект, најважен и охрабрувачки за нас: Светиот Дух е Оној кој ни дозволува вистински да молиме. Свети Павле вели: „Исто така и Духот нè поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите.“ (Римјаните 8, 26-27), потсети Папата.
Папата Фрањо нагласи дека причината за слабоста на нашата молитва може да се дефинира со латинскиот израз: mali, mala, male petimus, чие значење е дека сме грешни, сакаме погрешно и грешно; го бараме пред се непотребното, односно за наша сопствена корист и забораваме да го бараме Царството Божјо“, додаде Папата потсетувајќи на зборовите на Исус кој вели: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6,33).
Светиот Дух ни овозможува да се чувствуваме како Божји деца
„Навистина Светиот Дух доаѓа да ни помогне во нашите слабости, но прави и работи кои се многу поважни: нè потврдува дека сме Божји деца и ги става на нашите усни зборовите: „Оче!“. Не можеме – истакна Папата – „да кажеме „Оче, Ава“ без силата на Светиот Дух. Христијанската молитва не е телефонски разговор со Бога, не, Бог е тој што се моли во нас! Му се молиме на Бога преку Бога. Да се молиме значи да навлеземе внатре во Бога и Бог да влезе во нас“.
Папата потсети дека во молитвата Светиот Дух се покажува како застапник, посредник и покровител. „Тој не нè обвинува пред Отецот, туку нè брани. Да, Тој ни покажува дека сме грешници, но го прави тоа за да можеме да ја доживееме радоста на милоста на Отецот, а не да нè уништи со бесплодна вина. Дури и ако нашето срце нè прекорува за нешто, Тој нè потсетува дека Бог „е поголем од нашето срце“ (1. Иван3,20)“, рече папата Фрањо, повикувајќи нè никогаш да не се плашиме да бараме од Бога прошка.
Светиот Дух поучува на посредничка молитва
Во последниот дел од својата катехеза, Папата исто така истакна дека Светиот Дух се застапува за нас и нè учи да се застапуваме за другите луѓе – тој нè учи на застапничка молитва. „Оваа молитва е особено угодна на Бога затоа што е најискрена и несебична. Кога сите се молат за сите, се случува – како што забележува свети Амвросиј – молитвата се умножува. Таква е молитвата. Ова е драгоцена и неопходна задача во Црквата, особено во ова време на подготовка на јубилејот: да се соединиме со Утешителот кој „се застапува за сите нас според волјата Божја“, рече Папата, повикувајќи ги верниците секогаш да молат не само со усните, туку пред сè со срцата.
Ваткикан њуз/к.мк