Генерална аудиенција: Монасите, невидлива сила која ја поддржува Црквата и нејзиното послание
На Генералната аудиенција на 26 април 2023 гофина, Папата ја продолжи својата катехеза за сведоците на апостолската ревност, наведувајќи го особено примерот на ерменскиот светец Григориј Нарек, пофалувајќи ја молитвата и секојдневната работа на монашките заедници: „Нивното срце како антена го фаќа она што се случува во светот и се моли за тоа“
Со нивната молитва помагаат во навестувањето на Евангелието и се откажуваат од себе и од светот за да го следат Исус на патот на сиромаштво, чистота, послушност и да се залагаат за доброто на сите, тие се и сведоци на апостолската ревност – истакна папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција, говорејќи за луѓето кои го избрале монаштвото. Светиот Отец објасни дека нивното сведоштво, како и сведоштвото на свети Павле и мачениците, за кои зборуваше во минатите аудиенции, се провлекува низ историјата на верата.
Меѓутоа, спонтано се поставуваат прашања: Како можат оние што живеат во манастири да помогнат во навестувањето на Радосната вест? Зарем не би било подобро да ги вложат своите сили во посланието, излегувајќи од манастирите?
Всушност, монасите се срцето што чука при навестувањето – интересно, тие се срцето што чука – нивната молитва е кислород за сите членови на Телото Христово, таа е невидлива сила која ги поддржува мисиите. Не случајно покровителка на мисиите е монахиња, Света Тереза од Детето Исус.
Примерот на Григориј Нарек
Љубовта која кармелитјанката од Лисие ја сметаше за единствен поттик за делувањето на членовите на Црквата е љубовта што ги вдахнува сите монаси – објасни Римскиот епископ.
Контемплативни заедници, монаси, монахињи; луѓе кои молат, работат, молат, во тишина, за целата Црква. Тоа е љубов; љубов која се изразува во молитвата за Црквата, работејќи за Црквата во манастирите.
Таа љубов кон секого го продуховува животот на монасите и се претвора во нивна посредничка молитва – истакна Папата и додаде:
По ова, би сакал да ви го дадам примерот на свети Григориј Нарек, црковен учител. Тој е ерменски монах кој живеел околу 1000 година, кој ни оставил книга со молитви, во која е преточена верата на ерменскиот народ кој прв го прифатил христијанството; народ кој, држејќи се за крстот Христов, многу страдал низ историјата.
Живот во единство со сите
Зборувајќи за свети Григориј, кој речиси целиот свој живот го поминал во манастирот во Нарек, Папата ја истакна неговата способност внимателно да ги истражува длабочините на човечката душа, општата солидарност на која тој е толкувач и неговото постојано застапништво за сите луѓе. Покрај тоа, тој истакна дека овој ерменски монах живеел во единство со сите и се молел за милост за сите, почнувајќи од човечката беда, која не ја гледал кај другите, туку најмногу во себе.
Светиот Отец, освен тоа, забележа дека постои општа солидарност меѓу сите монаси и монахињи, дека нивното застапништво и нивната секојдневна работа се мост на посредување и дека нивното срце се моли и се застапува за сите, бидејќи тие ги преземаат на себе проблемите на светот.
Добро е за нас, колку што е во наша моќ, да посетиме манастир, бидејќи таму се моли и работи. Секој има свое правило, но таму рацете се секогаш зафатени. Зафатени со работа и молитва. Господ нека ни даде нови манастири, нека ни даде монаси и монахињи кои со своето застапништво ќе ја водат Црквата.
Ватикан њуз/к.мк