Папата Фрањо на Генералната аудиенција на 29 декември 2021 година размислуваше за храброста што ја покажал свети Јосиф кога го спаси Исус од масакрот на невините деца во Витлеем и ги охрабри христијаните смело да го живеат секојдневието.
Продолжувајќи со циклусот катехези посветени на свети Јосиф, папата Фрањо на Генералната аудиенција се фокусираше на улогата на светецот како прогонет и храбар мигрант.
Понижување и несигурност
Бегајќи во Египет за да го избегне гневот на Ирод, Светото Семејство претрпе понижување и од прва рака ја искуси несигурноста, стравот и болката поради тоа што мораше да ја напушти својата татковина. Има многу наши современици кои се принудени да ја трпат истата неправда и страдање, рече Папата. Причината е речиси секогаш ароганцијата и насилството на моќниците, рече Светиот Отец.
Две спротивставени личности
Царот Ирод го наредил масакрот, бидејќи се чувствувал загрозен од новородениот „Цар Јудејски“, објасни Папата. Бегството во Египет – како што го нарекуваме овој настан – го спасува Исус, но за жал не го спречува Ирод да изврши масакр. Папата рече дека настанот открива две спротивставени личности – од една страна Ирод со својата жестокост, од друга страна Јосиф со своето внимание и храброст. Ирод е симбол на тираните и деспотите на сите времиња – дури и нашите, нагласи Папата – кои ја бранат својата моќ со безмилосна суровост и со нехумани дела на насилство.
Светиот Отец предупреди дека и ние можеме да подлегнеме на таквиот став кога се обидуваме со ароганција да ги избркаме нашите стравови, дури и ако се работи за вербални или мали злосторства со намера да им наштетиме на ближните.
Свети Јосиф, забележа Папата, беше спротивност на Ирод: праведен човек кој ја покажува својата храброст, следејќи ја заповедта на ангелот да бега. Можеме само да замислиме со какви пресврти мораше да се соочи за време на долгото и опасно патување и тешкотиите на живеењето во туѓа земја каде што се зборува друг јазик: многу тешкотии, нагласи Светиот Отец. Неговата храброст доаѓа во моментот на неговото враќање, кога ќе се увери од зборовите на ангелот, тој ги надминува своите разбирливи стравови и се населува со Марија и Исус во Назарет, рече Папата.
Храброст во секојдневниот живот
Сепак, храброста може да се живее во нашето секојдневие, тоа не е само доблест на „јунаците“, истакна Петровиот наследник. Ирод и Јосиф се два спротивставени ликови, одраз на двете сеприсутни лица на човештвото. Гледаме во сите времиња и култури храбри мажи и жени кои за да бидат доследни на своите верувања надминале секакви тешкотии, претрпеле неправди, осуди, па дури и смрт, рече Светиот Отец. Храброста е уште еден збор за „сила“, една од главните доблести.
Миграциска криза е скандал за човештвото
На крајот, Папата потсети дека Свети Јосиф нè учи како да ги победиме стравовите и да се соочиме со неволјите што ги носи животот. Поуката што ни ја остава свети Јосиф денес е следнава: животот секогаш со себе носи многу неволји, вистина е, пред кои и ние можеме да се чувствуваме загрозени и исплашени. Ваквите моменти нема да ги надминеме извлекувајќи го најлошото од себе како Ирод, туку однесувајќи се како Јосиф кој на стравот одговара со храброст, верувајќи во Божјата промисла, рече Папата.
Исто така, папата Фрањо повика на молитва за бројните мигранти и бегалци од нашето време кои биле принудени да ги напуштат своите домови и за оние кои не можат да избегаат или кои умираат на патот. Да не ги заборавиме бројните луѓе кои станаа жртви на војни и сакаат да ги напуштат своите домови, но не можат. Сетете се на оние мигранти кои тргнаа на тој пат на слободата и завршија на улица или во морето. Да размислуваме за Исус во прегратките на Јосиф и Марија, бегаат и во него да го видиме секој мигрант денес, повика Папата. Актуелната миграциска криза е скандал за човештвото, која не смееме да ја игнорираме – рече Папата Фрањо.
Молитва за мигрантите
Светиот Отец ја заврши катехезата со молитва до свети Јосиф за оние на кои им е потребна храброст во слични ситуации.
Свети Јосифе,
Ти кој го исксуи страдањето на оние кои мора да бегаат,
Спасувајќи ги животите на оние кои ти се најмили,
заштити ги сите кои бегаат поради војна,
омраз или глад.
Помогни им во нивните неволји,
охрабри ги во надежта и нека пронајдат прифатилиште и солидарност.
Води ги нивните чекори и отвори ги срцата на оние кои можат да им помогнат. Амин.
Ватикан њуз/к.мк