Генерална аудиенција: Кој е Светиот Дух?

Ватикан, 8.5.2013 /к.мк/ – На Генералната аудиенција пред повеќе од 100.00 верници, во среда 8 мај, папата Фрањо ја одржа својата катехеза на плоштадот Свети Петар.

***********************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Воскресното време кое го живееме со радост, водени од Литургијата на Црквата, во вистинска смисла на зборот е време на Светиот Дух, кого што распнатиот и воскреснатиот Исус го дава „без мерка“ (сп. Иван 3,34). Ова благодатно време завршува со празникот Духовден, кога Црквата повторно го доживува излевањето на Светиот Дух врз Марија и Апостолите собрани на молитва во салата на Последната вечера.

Но кој е Светиот Дух? Во символот на верата исповедуваме дека веруваме: „И во Светиот Дух, Господ, кој создава живот“. Првата вистина која ја исповедуваме во Символот е дека Светиот Дух е Кириос, Господ. Тоа значи дека тој е вистински Бог, како што се Отецот и Синот. Светиот Дух е третото лице од Пресветата Троица, тој е големиот дар на воскреснатиот Христос, кој нашиот ум и нашето срце ги отвора за верата во Исус, како Син, кој што го прати Отецот и кој не води кон пријателство, заедништво со Бог.

Но пред се сакам да се задржам на фактот дека Светиот Дух е неисцрпен извор на Божјиот живот во нас. Луѓето од сите времиња и сите краеви сакаат живот во полнина, сакаат убав, праведен и добар живот, живот на кој нема да му се заканува смртта, туку ќе може да созрева и расте до својата полнина. Човекот е како некој патник, кој минувајќи низ пустината на животот, е жеден за вода, за свеж извор на вода, која може да ја изгаси неговата голема желба за светло, љубов, убавина и мир. Сите ја чувствуваме таа желба! А Исус ни ја дарува таа вода: таа вода е Светиот Дух, кој излегува од Отецот и кого Исус го излева во нашите срца: „Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие.“ (Иван 10,10)

Исус и ветува на Самарјанката дека ќе и даде „жива вода“ во изобилство и засекогаш, и на сите оние кои го признаваат за Син кој што го испрати Отецот за да не спаси (сп. Иван 4,5-26; 3,17). Исус дојде за да ни даде „вода жива“ која е Светиот Дух, за да не води низ животот Бог и неговиот дух, да го зајакнува Бог. Кога велиме дека христијанинот е духовен човек, со тоа сакаме да го кажеме следното: христијанинот е личност која мисли и делува во склад со Божјата волја, преку Светиот Дух. Но се прашувам: дали нашите мисли се во склад со Божјата волја? Или дозволуваме да не водат многу други нешта кои не се Божји? Секој од нас треба да си го одговори на ова прашање во длабочината на своето срце.

Сега би можеле да се запрашаме: зошто таа вода може потполно да ја изгаси нашата жед? Знаеме дека водата е важна за животот, без вода се умира; таа ја гаси човечката жед, измива, на земјата и дава плодност. Во Посланието до Римјаните го наоѓаме овој израз: зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден“ (5,5). „Жива вода“, Светиот Дух, дар на воскреснатиот кој се вселува во нас, не чисти, просветлува, обновува, преобразува за да станеме соучесници на Божјиот живот, кој што е Љубов. Затоа апостолот Павле вели дека животот на христијанинот е оживен со Духот и неговите плодови, а тоа се: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост, воздржливост“ (Галатјаните 5,22-23). Светиот Дух не воведува во Божјиот живот како „синови во Единородениот Син“. Во еден друг дел од Посланието до Римјаните, кое го спомнавме повеќе пати, свети Павле тоа го искажува со овие зборови: „Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји…. Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: “Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме (8,14-17). Ова е скапоцен дар кој Светиот Дух го внесува во нашите срца; самиот живот Божји, живот на вистински чеда, однос на доверба, слобода и надевање во Божјата љубов и милосрдие, кој што е еден од плодовите и нов поглед кон другите, блиски и далечни, кои секогаш ги гледа како браќа и сестри во Исус, кои треба да ги почитуваме и љубиме. Светиот Дух не учи да гледаме со очите на Христос, да живееме како што живееше Христос, да го сфаќаме животот, како што го сфати Христос. Ете зошто живата вода која е Светиот Дух ја гаси жедта на нашиот живот: бидејќи ни кажува дека Бог не љуби како чеда, дека можеме да го љубиме Бог како негови чеда и со неговата милост можеме да живееме како чеда Божји, како Исус. А ние, дали го слушаме Светиот Дух? Што ни вели Светиот Дух? Ни вели: Бог те љуби. Тоа ни го кажува. Бог те љуби, Бог те сака. Дали навистина го љубиме Бог и другите, како Исус? Дозволуваме ли да не води Светиот Дух, дозволуваме ли да ни говори во срцето и ни вели дека: Бог е љубов, дека Бог не чека, дека Бог е Отец, дека не љуби како вистински отец, дека вистински не љуби и тоа ни го говори во срцето само Светиот Дух. Да го почувствуваме Светиот Дух, да го слушаме Светиот Дух и да чекориме напред по тој пат на љубов, милосрдие и простување. Благодарам.

Твитер порака на Светиот Отец

Исус вели: Јас дојдов за да имаат живот вечен и да имаат изобилие. Тоа е вистинското богатство, не е во материјалното поседување.

(го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<