На Генералната аудиенција во среда 2 декември 2020 година, која се одржа во библиотеката на Апостолската палата, папата Фрањо ги охрабри верниците да не колнат, туку да благословуваат. Ја пренсуваме катехезата на Светиот Отец во целост.
Драги браќа и сестри!
Денес ќе се задржиме на важната димензија за молитватаа, а тоа е благословот. Продолжуваме со размислувањата за молитвата. Во извештајот за создавањето (сп. 1 Мојсеева 1-2) Бог постојано го благословува животот, секогаш. Ги благословува животните (1,22), ги благословува мажот и жената (1,28), на крајот ја благословува саботата, денот за одмор и восхитување на севкупниот создаден свет (2,3). Бог е тој кој благословува. На првите страници од Библијата наидуваме на постојано повторување на благословите. Бог благословува, но и луѓето благословуваат и брзо се открива дека благословот има посебна сила која го прати низ целиот живот оној кој го прима и го прави човечкото срце подготвено да дозволи да го менува Бог (Втор Ватикански собор, конституција. Sacrosanctum Concilium, 61).
На почетокот од светот, значи Бог кој „благо-слови“, благо – слов, слови благо. Тој гледа дека секое дело на неговите раце е добро и убаво и кога доаѓа човекот создавањето се довршува, препознава дека тоа е „многу добро“ (1 Мојсеева 3, 1). Оттогаш па понатаму, таа убавина што Бог ја втисна во своето дело ќе се менува, а човекот ќе стане изопачено создание, способно да шири зло и смрт во светот; но ништо никогаш нема да може да ја избрише првата трага од Бога, трагата на добрината што Бог ја втисна во светот, во човечката природа, во сите нас: способноста да благословуваме и фактот дека сме благословени. Бог не згрешил со создавањето, дури ни со создавањето на човекот. Надежта на светот потполно престојува во Божјиот благослов: Тој продолжува и понатаму да ни посакува добро, Тој прв, како што вели поетот Пеги [1] продолжува да се надева на нашето добро.
Голем Божји благослов е Исус Христос, неговиот Син е голем Божји дар. Тоа е благослов за целото човештво, тоа е благослов што нè спаси сите нас. Тој е вечно Слово со која Отецот нè благослови „додека ние сè уште бевме грешници“ (Римјаните 5, 8), вели свети Павле: Словото што стана тело и се принесе за нас на крстот.
Свети Павле со восхит го разгласува Божјиот наум на љубов и вака вели: Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови во Христа, со секаков духовен благослов од небесата, како што и нѐ избра преку Него, уште пред светот да се создаде, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, откако предопредели да нѐ посини за Себе преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ облагодати преку Својот Возљубен Син (Ефесјаните 1,3-6).
Нема грев што целосно може да ја избрише Христовата слика присутна во секој од нас. Ниту еден грев не може да ја избрише онаа слика што ни ја дал Бог. Ликот на Христос. Тој може да ја нагрди, но не може да ја оттргне од Божјата милост. Некој грешник може да остане во своите заблуди многу долго, но Бог е трпелив до крај, надевајќи се дека на крајот тоа срце ќе се отвори и ќе се промени. Бог е како добар татко и како добра мајка, и Тој е исто така добра мајка: тие никогаш не престануваат да го сакаат своето дете, колку и да згрешило, секогаш го сакаат.
Се сеќавам многу пати кога имав можност да видам луѓе кои стојат во ред пред влезот на затворот. Многу мајки стоеја во ред да влезат и да го видат својот син во затвор: тие не престануваат да го бакнуваат својот син и знаат дека луѓето што поминуваат со автобусот мислат: „Ах, тоа е мајка на затвореник“. А сепак тие не се срамат од тоа, или подобро, тие се срамат, но не се предаваат затоа што синот им е поважен од срамот. Така, ние за Бог сме поважни од сите гревови што можеме да ги направиме, затоа што Тој е татко, мајка, чиста љубов, тој не благослови засекогаш. И тој никогаш нема да престане да нè благословува.
Да се читаат во затвор или во некоја заедница за рехабилитација овие библиски текстови е многу силно искуство. Да им се каже на овие луѓе дека и покрај заблудите тие остануваат благословени, дека Небесниот Отец продолжува да ги сака и дека се надева конечно да се отворат за доброто. Ако дури и најблиските ги напуштиле затоа што ги сметаат за непоправливи, за Бога тие се секогаш деца. Бог не може да ја избрише сликата на дете, секој од нас е син, ќерка. Понекогаш се случуваат чуда: мажи и жени кои започнуваат нов живот затоа што го наоѓаат тој благослов што ги помазал како деца. Зашто благодатта Божја ги менува животите: нè прифаќа такви какви што сме, но никогаш не нè остава такви какви што сме.
Да размислиме само на пример, што му направи Исус на Закхеј (сп. Лука. 19, 1-10). Сите во него гледаа зло; меѓутоа Исус гледа мал белег на добро и оттаму, од неговата љубопитност да го види Исус, дава да потече милосрдието кое спасува. Така најпрво се промени срцето на Закхеј, а потоа и неговиот живот. Во отфрлените и презрените Исус го виде неизбришливиот благослов на Отецот. Закхеј е јавен грешник, направил многу грди работи, но Исус го видел тој неизбришлив белег на благословот на Отецот и оттаму доаѓа тоа негово сочувство. Тоа е израз кој се повторува многу пати во Евангелието, „се смилува“ и тоа сочувство го води да му помогне и да му го промени срцето. И не само тоа, тој отиде многу подалеку што се поистовети со лице во неволја (сп. Матеј 25, 31-46). Во пасусот за последниот „протокол“ според кој сите ќе бидеме судени во Матеј 25 Исус вели: „Бев гладен, бев гол, бев во затвор, бев во болница, бев таму“.
На Бога, кој благословува и ние му возвраќаме благословувајќи. Бог нè научи да благословуваме и ние мора да благословуваме – тоа е молитва за пофалба, поклонување, благодарење. Во „Катехизмот“ читаме: „Молитвата за благослов е одговор на човекот на Божјите дарови: бидејќи Бог благослови, срцето на човекот може да возврати со тоа што ќе го благослови оној што е извор на секој благослов“ (бр. 2626). Молитвата е радост и благодарност. Бог не чекаше да се преобратиме и потоа да нè сака, туку Тој тоа го направи многу порано, додека сè уште бевме во грев.
Не можеме да го благословиме само тој Бог кој нè благословува, мораме да благословуваме сѐ што е во него, целиот народ, да го благословиме Бога и да ги благословиме браќата, да го благословиме светот: тоа е коренот на христијанската кроткост, способноста да се чувствуваме благословени и способноста да благословуваме. Ако сите тоа би го правеле, сигурно не би имало војни. Овој свет има потреба од благослов и можеме да дадеме благослов и да примаме благослов. Отецот нѐ љуби. А на нас останува само радоста да го благословиме и радоста да му се заблагодариме и да учиме од него да не проколнуваме, туку да благословуваме.
И тука само сакам да кажам нешто за оние кои се навикнати на колнење, за оние кои секогаш имаат грд збор, клетва на усните, дури и во срцето. Секој од нас може да се запраша: дали имам навика така да проколнувам? И да го замолиме Господ за милост да ја промениме оваа навика затоа што имаме благословено срце, а од благословеното срце не може да излезе проклетството. Господ нека нѐ научи никогаш да не проколнуваме, туку да благословуваме.
Ватикан њуз/к.мк