Воскресна проповед на епископот Стојанов

Воскресна проповед на епископот Стојанов

На празникот Воскрсение Христово – Велигден, во недела 19 април 2020 година, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, поради актуелната ситуација со коронавирусот КОВИД – 19, служеше света Воскресна Литургија во капелата на епископската резиденција во Скопје.

Верниците можеа да учествуваат на евахристиското заедништво преку социјалните мрежи и интернет страниците Радио Марија и Католици.мк. Во оваа прилика нашиот портал ја пренесува проповедта на епископот Стојанов во целост.

————————————–

Браќа свештеници, чесни сестри, драги верници!

Во услови на вонредна состојба во оваа ситуација на пандемија од инфекцијата на коронавирусот КОВИД 19, ја користам оваа можност, по пат на социјалните мрежи, поконкретно преку Радио Марија Македонија, Католици.мк и фејсбук, кои ја следите оваа Воскресна литургија од Епископската резиденција во Скопје сите вас да ве поздравам со Воскресниот поздрав: Христос воскресе!

Овие денови доживуваме тешко искуство за најголемиот христијански празник – Воскресение Христово, кога сме скратени да не можеме да бидеме дел од најубавите и духовно богати велгденски литургиски обреди, кога не можеме да пристапиме кон светата Тајна Исповед, физички да учествуваме на Света Воскресна Литургија и да го примиме Исуса во Пресветата Евхаристија. Тоа е тешко, и тоа е на свој начин темната страна што ја донесе оваа пандемија, тоа е страв од смртта. Сепак, не се плашиме само од смртта, туку не сакаме да бидеме соучесници на оваа инфекција што би межела другите да ги зарази – инфицира. Но, и во таа смрт, што господари и внесува страв, Исус носи светлина на надежта: Јас ја победив и смртта и гревот и секоја темнина, јас сум светлината на светот. Затоа и палиме свеќи, воскресната свеќа ја распалува нашата вера и ни дарува храброст во животот да сведочиме надеж, бидејќи живееме од Воскреснатиот Христос.

Нашата вера во Воскреснатиот Христос! После закопаната надеж, заради крстот, заради смртта на Велики Петок, еве се роди воскресната вера. Исусовите ученици не се создатели на таа воскресна вера, бидејќи и тие беа обесхрабрени, уплашени, разочарани, а можеби некој од нив носеше и чувство на измаменост: ние се надевавме, гледај што се случи на Велики Петок. Што значи, тие не се создатели на воскресната вера, затоа што и тие се луѓе со своја кревкост и збунетост. Исто така нашата воскресна вера не е втемелена само на празниот гроб, бидејќи некој можеше да го украде телото на Распнатиот, како што на почетокот на христијанството противниците и плаќале да се шири таа лажна вест. Тие и таквите противници го виделе празниот гроб, но не го виделе Воскреснатиот Господ.

Драги браќа и сестри, нашата воскресна вера се темели на живиот Христос: тој самиот се покажа, не како внатрешна визија или лично доживеано видение, туку се случила вистинска средба со Христос. Тој се покажа на учениците, им ги отвори очите, и тие го препознале. Тоа е темелот на нашата радосна воскресна вера.

Христовото воскресение е живиот Христос што ги надминува нашите граници. По своето Воскресение тој влезе во Божјата слава, но останува постојано присутен со нас. Ние денес славејќи го Исусовото воскресение, сакаме да го сретнеме живиот Христос, да го доживееме, да му се приближиме, да му отвориме врата. Не треба да му ја отвориме физички вратата, туку да ја отвориме вратата на нашето срце, вратата на нашата душа, да влезе Тој и да го изговори оној свој прекрасен „Мир вам!“ Денес сакаме да го доживеме живиот Христос, да го доживеме Неговиот мир.

Свесни сме дека на средбата со Христос, се случува промена во човекот, таа промена што го зафаќа човекот одвнатре. Човекот и покрај здравите очи може одвнатре да биде слеп, но кога со срецето ќе прогледа, тогаш е зафатен; тогаш се менува и станува способен да го менува светот. Во добрина, љубов, простување, помирување, доверба. Затоа го славиме воскреснатиот Христос, сакаме да го сретнеме, сакаме да го доживееме. Сакаме да бидеме зафатени со Неговата љубов, за да можеме да отидеме во овој свет и да сведочиме како и Неговите ученици. Апостолите и другите ученици од времето на првите христијани за своето сведочење за Исус го дадоа и својот живот. Сите ние патувајќи по оваа земја, на овој или оној начин наоѓаме можност да се сретнеме со Христос и да сведочиме за Него.

 

Воскресна Велигденска Св.Литургија, Скопје 19.4.2020. Монс.Киро Стојанов, епарх

Gepostet von Католичка катедрала Скопје am Sonntag, 19. April 2020

Како што сонцето ја осветлува денес оваа наша планета, така сакаме да ја доживееме и радоста на средбата со воскреснатиот Христос. Нека тој не осветли во нас да биде повеќе радост, повеќе надеж, повеќе храброст во овој живот, оваа реалност и сегашност. Со празнувањето на Христовото воскресение собираме сила да не бегаме во минатото, ниту пак да дозволиме да останеме заробени во сегашноста. Воскреснатиот Исус не сака само да сонуваме за иднината, туку бара токму од таа воскресна вера да ја живееме и својата сегашност и покрај тоа што во оваа ситуација зафатена од коронавирусот Ковид 19 како да не гледаме излез. Не, Воскреснатиот Христос ни носи радост и надеж, да можеме да ја живееме својата сегашност и да не се плашиме од животот.

Крстот не ни е нешто туѓо, туку крстот е наш животен пат што не е сам за себе цел; целта е воскресението. Со таа надеж всушност ние го носиме нашиот крст и со таа надеж се соочуваме со нашите тешкотии, со таа надеж се бориме во нас и во светот да победи добрината, бидејќи воскреснатиот Христос ја победи смртта, го победи злото и ни даде насока како со верничка надеж треба да се победи злото. Воскресната вера ни овозможува од внатрешната добрина да зрачи љубов, солидарност, зазeмање за човекот. Христос, станувајќи човек, страдаше, умре и воскресна за да му го врати на човекот достоинството. Ние, токмутоа достоинство сакаме да го живееме денес.

Со овие мисли, моите честитки но и мојата благодарност, по повод празникот на Христовото воскресение, ги упатувам до сите оние кои денес се наоѓаат на првите линии против невидливиот непријател коронавирусот Ковид 19, борејќи се да спасат еден живот повеќе. Овде не можам да ги заборавам ниту оние кои се во служба за доброто на целото наше општество. Воедно, ниту вас драги браќа свештеници, што во оваа ситуација вложувате натчовечки напори, служејќи се со модерните алатки духовно преку нив да останете близу до своите верници. Благодарам и на вас почитувани чесни сестри, што во оваа ситуација, можеби далеку од очите на сите, во своите манастири, ја упатувате својата молитва за сите нас, за сите оние кои се во потреба, а посебно за оние кои страдаат од коронавирусот, и вам, драги верници, ви благодарам што заедно со своите свештеници молете преку социјалните мрежи за ранливите категории луѓе, но во исто време ве молам да се молите и за своите свештеници, за чесните сестри и за мене, радоста на Воскреснатиот Христос да ја доживееме и живееме заедно и во тие и такви услови – Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

Категорија: Вести, Македонија

За авторот