Воскресението Христово е Вистинска вест

Воскресението Христово е Вистинска вест

Ова наше човештво живее во разнолико медиумско опкружување, во кое на многу лесен и едноставен начин ни се достапни разни текстови, информации, фотографии, видеа и други податоци. Сакаме да прочитаме, видиме, слушнеме, па за да поверуваме. Секако претпазливи сме на секоја информација, знаејќи за големата присутност на лажните вести. А лажните вести не се измислица на модерното доба. Имено додека жените навестуваа за Радосната вест за Воскреснатиот Господ, други шират измислени и добро платени гласини, дека го украле учениците!

Тешко е за човекот на сфатлив начин да се објасни Воскресението. Но Радосната вест за Воскресението Христово, веќе повеќе од две илјади години е незапирлива. И покрај тоа што нема фотографија и видео како се случило Воскресението Христово, како воскреснал, како го положил повојот, како бил отргнат каменот… Немаме ништо од тоа во тој облик.

А да беше лажна вест, досега ќе беше заборавена во историјата. Но таа вест живее во срцата на верниците. А за да ги преживее прогонствата и да ги надживее световните царства, тоталитарните режими и дикататурите на совеста и идеологиите, па и сите други спротивставувања со кои се соочи оваа Радосна вест низ историјата, одлучувачка улога има токму верата, која се раѓа од искуството, а потоа се приклучува надежта и радоста. А радоста, вечната радост, блаженство без крај е цел на човечкиот живот.

Сепак имаме текстови кои ни сведочат за тоа, посебно Евангелијата. А тие пак воопшто не се обидуваат да го објаснат начинот на кој Христос воскреснал, затоа што очигледно тоа за нив било само по себе разбирливо, па затоа акценот го ставаат на сведоштвата на луѓето со кои се сретнал Воскреснатиот Христос: Марија Магдалена, Петар, Тома, Клеопа и неговиот другар на пат за Емаус…. сигурно има и многу други кои не ги спомнуваат Евангелијата. Тоа се конкретни сведоштва на средба со Воскреснатиот Христос и нивните сетилните искуства, имено тие го виделе Воскреснатиот разговарале со него, го слушале, го допирале…. Тие го доживеале во себе внатрешниот мир, кој го дарува Христос, а светот не може да го даде! И тоа било доволно за нив да поверуваат и да ја навестуваат радосната вест без страв.

Токму протогонистите кои лично се сретнаа со Воскреснатиот Христос ја оживуваат таа воскресна вера во нивните животи и ја пренесуваат со нивните конкретни сведоштва со кои другите ги воодушеваа. А радоста не може да се монтира, не може трајно да се глуми, не може да биде лажна.

А кога Воскресението преку благодатта на верата станува вистина во човечкиот живот тогаш се руши поредокот кој беше воспоствен по падот на прародителите, тогаш е победена власта на смртта, затоа и воскресението е она посебното, необичното, кое донесува внатрешен, Божји мир во срцата и радост, за што пак се исплати да се верува и живее.

Воскресението Христово нѐ потсетува дека од празниот гроб наместо очајот извира надежта, наместо темнината изгрева светлината, непријатностите во животот се заменети со радост, стравот со храброст, а смртта со живот.

Со оттргнатиот камен од гробот Христов од оковите се ослободува надежта, светлината, радоста, храброста и животот. Како и апостолите да продолжиме храбро и радосно, да ја пренесеме светлината на надеж во вечниот живот и со силата на Светиот Дух да ја навестуваме Радосната вест на сите луѓе: Победена е смртта, затоа што Христос воскресе – навистина воскресе!

„Христовото воскресение ни дава нов живот. Појдете и навестете ја Радосната вест, зашто Христос навистина воскресна. Алилуја!” Ви посакуваме среќен и благословен Велигден. Нека Воскреснатиот Господ со Својата благодат ги исполни сите ваши потреби.

Честит празник, Воскресение Христово!

Католици.мк

Категорија: Колумни

За авторот