Во Штип прославен патрониот празник на парохијата – Благовест
На 03 април 2016 година во црквата „Свето Благовештение“ во Штип со свечена Евхаристиска прослава, која ја предводеше деканот на скопскиот деканат и скопскиот парох дон Давор Топиќ, е прославен патронатот на парохијата „Свето Благовештение – Благовест“.
Во пригодната проповед дон Топиќ на самиот почеток рече дека патронатот на една парохија е убав настан во кој парохиската заедница ја доживува својата обнова и раст во заедништвото. Тој исто така истакна дека првата жена Ева влегува во дијалог со Злиот и тој дијалог ја раѓа смртта, а новата Ева блажена Девица Марија влегува во дијалог со Бог, носи живот, истакнувајќи дека овој празник сака да нѐ воведе во дијалог со Бог. „Празникот Благовест во себе има два дела, а тоа се Исусовото овоплотување и мајчинството на Марија. Исус Христос заедно со својата божествена природа ја зема и нашата човечка падната природа и во него се случува прекрасна размена меѓу божественото и човечкото, за на нас да ни донесе спасение. А во Марија гледаме послушна службеничка која носи живот и така активно учествува во историјата на спасението.“
На крајот од Литургијата парохот отец Тони Ангелов на сите кои придонесоа во ова празнување на парохискиот патронат им заблагодари и по промоцијата на книгата „Божјото име е милосрдие“ ги повика на заедничко агапе пред црквата.
Литургијата директно беше пренесувана на Радио Марија Македонија.
к.мк/Е.А.