Во Чанаклија прославен патрониот празник на Светиот великомаченик Георги
На 6 мај, на празникот Свети великомаченик Георги во црквата посветена на Светиот Великомаченик Георги во с. Чанаклија со света Литургија свечено беше прославен патрониот празник на црквата.
По тој повод беше служена света Литургија предводена од парохот отец Спасо Ристов во сослужение на капеланот отец Ванчо Назов, капеланите од Радово, отец Трајче Ташев и отец Илија Стојанов, а на литургијата ѓаконираше и отец ѓакон Атанас Сирачев.
Во својата проповед парохот отец Спасо Ристов ги истакна карактеристиките на Исус Христос. Оној Исус во кој и самиот великомаченик Георги беше се вљубил и за кого го беше положил својот живот. Тој во проповедта истакна дека Исус има каркатеристика што нѐ сака безгранично, без оглед на тоа колку грешиме и како грешиме, Тој не пресметува како нас, бидејќи ги остава деведесет и деветте овци и ја бара онаа една изгубена. Исто така, Исус не е и логичен во своите постапки бидејќи во Евангелието ни вели дека ги сака последните, а не оние кои ги заземаат првите места. За нас како христијани важно е да наследиме барем некоја карактеристика од Христос: да сакаме, да пресметуваме како него и да опростуваме како што тоа го прави Исус Христос.
На крајот од литургијата отец Спасо Ристов ги пренесе и поздравите од Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов, кој поради неодложни обврски не можеше оваа година да ја предводи Литургијата, но со молитвите и поздравите е со верниците од Чанаклија.
к.мк/В.Н.