Во Скопје се одржа молитва за единство на христијаните

Во Скопје се одржа молитва за единство на христијаните

Во склоп на Молитвената осмина за единство на христијаните, која на северната хемисфера на Земјата традиционално се слави од 18 до 25 јануари, во скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“, на 22 јануари 2023 година се одржа молитвена средба. На молитвената средба учествуваа верници од Католичката црква, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Евангелско – методистичката црква.

Материјалите за овогодинешната Молитвена осмина за единство на христијаните ги приреди Советот на цркви во Минесота во Соединетите Американски Држави. За главна тема за Молитвената осмина за 2023 година, Советот го избра седумнаесетиот ред од првата глава од Книгата на пророкот Исаија, кој порачува „Научете се да правите добро, барајте правда.“ (Исаија 1,17)

Во програмата, која ги следеше упатствата од материјалите, се обратија со краток и инспиративен наговор претставниците на црквите: патер Винко Маслаќ, отец Горан Стојчевски и проповедник Мирче Танчев.

Музичкиот дел од програмата го анимираа катедралниот хор и хорот на Евангелско – методистичката црква.

На крајот од програмата учесниците во просториите на Пасторалниот центар го продолжија дружењето во пријателска атмосфера.

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот