„На пат”, така е насловена новата книга на ватиканистот од италијанскиот весник “„Ла Стампа” Андреја Торниели, во која раскажува за меѓународните патувања на папата Фрањо. Книгата со 348 страници е издадена од издавачката куќа Piemme, а во италијанските книжарници излезе на 10 јануари 2017 година. Книгата започнува со долго интервју во која папата Фрањо зборува за посетата на островот Лампедуза, Бразил, Светата Земја, Азија, Латинска Америка, Куба и САД, отворањето на Светата врата во Африка, но исто така и за ненадејната посета на островот Лезбос и бегалските кампови, како и за кратката посета на Тирана и Сараево.
Прва посета надвор од програмата
„Искрено кажано, никогаш не ми се допаѓало да патувам многу“, признава отворено Папата во интервјуто. „Секогаш ми било тешко да бидам далеку од својата епархија, која за нас епископите е наша сопруга“. Папата Фрањо раскажува за своето прво патување на островот Лампедуза што не беше планирано и немаше официјална покана: „Почувствував должност да одам, вестите за загинатите мигранти во морето деца, жeни и млади, многу ме потресоа. Беше важно таму да отидам. Видов ужасни сцени, спасување на преживеани, благородни сведоштва и заземањето на локалните жители“.
Патува, за да сее семето на надеж
Папата Фрањо вели дека пред патувањето за Светската средба на млади во Рио де Жанеиро, планирана уште пред да биде избран за Папа, одговорил позитивно на упатените покани. „Сега чувствувам дека треба да патувам, да посетувам Цркви и да го сеам семето на надеж“. „Патувањата се тешки, но засега можам да кажам дека добро се справувам. Можеби повеќе се тешки психолошки, отколку физички. И покрај сè, тие содржат едно неверојатно големо богатство од луѓе, сведоштва, слики и искуства. Богатство, за што можам да кажам дека не е залудно“.
Кога папите патуваат го носат Исус кој страда
Папата Фрањо зборува за ентузијазмот на луѓето кои ги среќава на своите патувања. Потсетувајќи за својот претходник Павле VI, вели: „Папата секогаш треба да има на ум дека го носи Исус, сведочи за Исус и неговата близина, емпатија и нежност на сите созданија, посебно на страдалниците”. Папата Фрањо потсетува на некои незаборавни моменти од своите патувања: “Ентузијазмот на младите во Рио де Жанеиро, кои сакаа да ме извлечат од папамобилот. Се сеќавам на луѓето во светилиштето во Маду, во Шри Ланка, каде видов христијани, муслимани и индуси – место во кое верниците се чувствуваат како членови на едно семејство. Исто така и приемот во Филипините и особено во Таклобан и покрај поројните дождови”.
Помалку внимание кон Европа?
Меѓу бројните меѓународни патувања на папата Фрањо сѐ уште недостасува земја од Европската унија. „Единствената земја која ја посетив беше островот Лезбос во Грција, каде што останав пет часа за да се сретнам со бегалците, заедно со моите соработници Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Архиепископот на Атина Јероним”, посочува папа Фрањо. „Го посетив исто така и Европскиот парламент и Советот на Европа во Стразбур, но тоа беше повеќе институционална посета, а не на една земја. Сепак, посетив земји кои не се во ЕУ, како Албанија и Босна и Херцеговина. Претпочитам земји во кои можам да ја дадам својата мала помош и да ги охрабрам оние кои и покрај тешкотиите и конфликтите вложуваат напори за мирот и единството”. „Тоа не значи помалку внимание кон Европа, која ја охрабрувам во дадени моменти повторно да ги откире и спроведе своите автентични корени и вредности. Убеден сум дека бирократијата или средствата на повисоките финансиски институции нема да не спасат од актуелната криза и да ги решат проблемите со емиграцијата, која за европските земји е најголем проблем по Втората светска војна”.
Не ги прифаќам бариерите помеѓу мене и луѓето
Папата одговара и на прашањето за безбедноста при неговите меѓународни посети: „Уште на почетокот на својот понтификат реков дека ќе патувам само ако ми биде дадена можност да комуницирам со луѓето. Изразувам благодарност до ватиканската Жандармерија и Швајцарската гарда што се прилагодија на мојот стил. Не можам да се движам во блиндирани автомобили или со папамобил со блиндирани стакла”. „Бискупот е пастир и татко, не може да има бариера меѓу него и луѓето. Треба да им верувате и сум свесен за опасностите, но не се плашам за мене. Секогаш постои опасноста за неочекуван гест од страна на некоја нестабилна личност. Но Господ секогаш е присутен!
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк