Во интервју за фрањевскиот христијански центар за медиуми во Ерусалим на 28 јануари 2021 година, халдејскиот патријарх кардинал Луис Рафаел I Сако даде некои детали за најавената посета на папата Фрањо на Ирак од 3 до 8 март 2021 година.
Меѓу другото, патријархот изјави дека програмата на Апостолското патување вклучува и меѓурелигиска молитва со христијани, муслимани, Евреи, Мандејци и Јазиди во Ур и света Литургија на халдејски обред, што ќе биде првпат Папа да служи на обред на Источните цркви и на тој начин „ја прегрнува целата Црква“, – истакна патријархот Сако. Папата ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество во Ербил, ќе го посети Мосул, кој беше посебно тешко погоден од нападите на терористичката група Исламска држава и ќе се моли во Каракос, кој пред војната беше најголемиот христијански град во долината Ниневија.
Сиро-католичкиот патријарх во Антиохија Игнатиј Јусеф III. Јунан сака лично да го пречека Папата – ја цитираат италијанските медиуми изјавата на патријархот. Неговата средба со Папата е планирана во катедралата во Багдад, како и на молитвата во Каракос. „Доаѓањето на Папата е извор на радост за цела Месопотамија“ – истакна патријархот Јунан, чие седиште е во Бејрут.
Халдејската католичка црква, со седиште во Багдад, е една од Источно-католичките цркви. Повеќето верници се во Ирак, Иран, Либан, Сирија и Турција. Таа е постојано во заедништво со Католичката црква од 1830 година, а повремено и од 1552 година. Халдејската католичка црква денес има околу 500.000 верници.
Ватикан њуз/к.мк