Во Египет започнува градењето на црквата во чест на коптските маченици
После почетните потешкотии поврзани со недостаток на потребна дозвола, во Египет конечно започнува изградбата на црквата во чест на 21 коптски христијанин кои на почетокот на годината беа сурово погубени од исламистите од организацијата Исламска држава во Либија.
Како што пренесува египетскиот Daily News, Црква на Мачениците ќе биде изградена во местото Ал Авар, 25 километри оддалечено од Миние – главниот град на истоимената покраина од која беа најголем број на постраданите христијани. Според зборовите на градоначалникот, генерал Гамал Мубарал Кинавиј, со работа ќе се започне следните денови, а за градењето на црквата до сега се обезбедени пет милиони египетски фунти од потребните десет.
Камен темелникот на идната црква е поставен уште во април, но поради недостаток на потребни документи почетокот на работата мораше да биде одложен. Иако египетската власт го поддржа градењето, исламските екстремисти организираа протести за да го спречат. Управителот на покраината настојуваше да ја смири ситуацијата организирајќи средби меѓу претставници на муслиманската и христијанската заедница, но и со помош на спроведувањето на законот.
Потсетуваме дека исламистичките милитанти ги киднапираа египетските христијани кои работеа во Либија, а потоа ги обезгалвија. На видеото објавено на интернет се слуша како некои од нив пред погубувањето изговараат: „Исус Христос е Господ“.
Убиството на мачениците предизвика тага и шок меѓу коптските христијани, но сé повеќе има сведоштва за тоа како овој случај им ја зголемил верата. Едно од нив е и сведоштвото на Бешир Камел, брат на двајца убиени маченици.
Битно нет/Б.Р.