Во бегалците се препознава лицето Христово
Ватикан, 19.6.2013 /к.мк/ – На Генерална аудиенција во среда, 19 јуни, папата Фрањо повика на солидарност со бегалците и семејствата на бегалците. Папата ги замоли сите земји кои примаат бегалци, за разбирање и солидарност по повод Светскиот ден на мигранти и бегалци, кој се одбележува на 20 јуни, истакнувајќи дека никогаш не смееме да бидеме рамнодушни кон тие семејства и кон своите браќа и сестри бегалци. Папата Фрањо се заблагодари на поединци и институции кои се грижат за раселените и бегалците, истакнувајќи дека на нивните лица се препознава лицето Христово. Светскиот ден на бегалци се одбележува по иницијатива на папата Бенедикт XV од 1914 година, а потоа го прифатија и Обединетите нации и од 2001 година, 20 јуни се одбележува на меѓународно ниво.
Во катехезата папата Фрањо потсети дека Вториот ватикански собор ја дефинира Црвката како Тело Христово. Поради тоа во својот говор ги повика католиците на заедништво, истакнувајќи дека Црквата се состои од многу членови кои се во единство со Исус Христос, кој е Глава на Црквата. Црквата не е хуманитарна, културна или политичка организација, туку живо тело кое оди и делува во историјата. А тоа Тело има глава, Исус, која го води, негува и потпомага, рече папата Фрањо пред собраните верници на плоштадот Свети Пеатр, поттикнувајќи ги да останат соединети со Црквата, и се осврна на поделбите меѓу христијаните. Единството е над сите судири, тоа е милост за која мораме да го молиме Господ да не сочува од искушението на поделби, од внатрешни судири и себичност, од озборување, рече Папата. Поглаварот на Црквата предупреди дека различноста во Црквата може да збогати и да помогне во растот, но Телото мора да остане соединето. Да се довериме на Исус, да го водиме својот живот кон Евангелието, да се храниме со секојдневна молитва, слушање на Словото Божјо, примање на Светите Тајни, поттикна папата Фрањо во својата катехеза за време на Генералната аудиенција во среда. На бројните верници кои дојдоа на плоштадот Свети Петар и покрај летната горештина, Светиот Отец им се довери дека ова утро поминал скоро 40 минути во молитва за единство на христијаните.
Во пораката која ја упати на Твитер по завршувањето на Генералната аудиенција Папата поттикна за навестување на Радосната вест: „Христијаните се подготвени да го сведочат Евангелието, бидејќи не можат да ја сокријат радоста која доаѓа од средбата со Христос.“ (го*ко)