Во преполниот двор на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, во недела 30 јуни 2024 година во вечерните часови се одржа четвртата молитвена средба „Вечер со Богородица“ во организација на Радио Марија и парохијата Раѓање на Свети Иван Крстител – Струмица, а со благослов на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх.
Во воведот во вечерта и кратката презентација на програмата м-р Данче Ичева ги поздрави присутните истакнувајќи дека оваа вечер од овде ќе бидат испратени многу пораки и ќе бидат упатени многу молитви.
Потоа следувше медитативна молитва и Света Бројаница, која ја молеа верници од парохијата, молители во Радио Марија, одборниците и нивните сопруги. Помеѓу секоја десетка се пееше „Здраво Царице на мирот“, проследени со кратки размислување за петте славните десетки. По Бројаницата следуваше Литанија до Пресвета Богородица, веднаш потоа Илинка Ташева од Нова Маала даде сведоштво за важноста на молитвата, посебно Светата Бројница во нејзиниот живот.
На почетокот од хомилијата отец Гоце Костов најпрво ги поздрави присутните од името на Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, со чиј благослов се одржува оваа средба, истакнувајќи ја неговата молитвена поврзаност со овој настан во чест на Богородица.
Во продолжение зборуваше за поврзаноста на Свети Иван Крстител и Богородица, при што рече дека првата објава во Меѓугорје, според исказите на очевидците, е токму на празникот Раѓање на Свети Иван Крстител, според грегоријанскиот календар и додаде: „Иван бил глас во пустината, повикувал на преобраќање! Богородица повикува исто така на преобраќање, во Лурд, Фатима и други места! А Иван и Богородица од оваа место од транзитот исто така повикуваат заедно на преобраќање! И навистина голема е потребата од преобраќање!“
Зборувајќи за преобраќањето праша: Но кој треба да се преобрати? Во овој наш свет чувството за грев како да е изгубено! Како да шетаат светци по улиците, а се случуваат страшни работи против човечкото достоинство и живот и страшни навреди на Бога преку злата кои се присутни во светот. Осврнувајќи се на модерната технологија, посебно мобилните телефони кои го преокупираат човекот и му ја одземаат слободата да размислува за себе и сопствениот живот истакна дека денешниот модерен човек ги знае сите случувања во светот и тоа ако посака во детали, благодарение на повеќечасовните дневни активности на социјалните мрежи, дури и знае кој каде оди и што прави, што јаде, со што се занимава, а апсурдот да биде уште поголем, не знае што има во неговото срце, каков грев се има вгнезедено во него.
Сакам да ве повикам оваа вечер, откако ќе си заминеме дома да продолжиме да молиме за мир во светот, да продолжиме да молиме и да размислуваме за нашето преобраќање и со длабока вера и надеж да продолжиме да молиме за сопствените молитвени накани, истакнувајќи дека благодарение на молитвите упатени на ова место до Богородица некои луѓе кои не се безимени, туку оваа вечер се со нас, имаат добиено милости од Царицата на мирот – рече отец Гоце Костов.
Средбата заврши со благослов, заедништво и дружење во дворот. Настанот музички го придружуваше Филип Костов.