„Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ (Мт 4, 18-22).
За време на својот земски живот Исус повикал дванесет едноставни луѓе да останат со Него, да го делат неговиот пат и да го продолжат неговото послание; ги избира од среде народот полн со вера во Божјите ветувања. Говореше на сите без разлики, големи и мали, на младото богато момче и сиромашната вдовица, на моќните и слабите; го носеше Божјото милосрдие и простувањето, оздравуваше, утешуваше, покажуваше разбирање; го носи на сите присуството на Бог кој се интересира за секој.
Не чека ние да одиме кај Него, туку Он дојде кај нас, без пресметувања и мерења. Бог е таков: Тој секогаш го прави првиот чекор, Тој оди кон нас. Великиот Бог се потпира на малиот човек и прашува: „Кого да испратам?“ (Исаија 6, 8). Великиот Бог нѐ вклучува нас во своето дело. Тој самиот ја премостува бездната која се отвора помеѓу Него и нас. Поминувајќи покрај Галилејското Море им кажал на своите први мисионери: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“ (Мт 4, 18-22). Биле рибари. И нашите мисионери и мисионерки го слушнале истиот повик и го кажале своето: Еве ме! Тие се наши херои.
А ти и јас драги мој брате и драга моја сестро?! Одиме или не одиме? Бараме ли постојано оправдувања и изговори? Дева Марија беше повикана да биде Мајка Исусова; учениците рибари се повикани да ги остават своите мрежи и да го следат Исуса; и многу повеќе. Биле свесни дека Бог од нив бара да направат нешто за Него. За поголемиот дел од нив тоа било дело на послушност – иако можеби биле неодлучни и размислувале дека не се доволно добри за Божјото дело; сите нив Бог ги обдарил со дарови за да можат да одговорат на неговиот повик. Исус затоа продолжува да нѐ прашува:
„Кого да испратам?“ Кажи му го својот одговор. Што би била Црквата без мисионерите? Ќе ѝ недостасува љубов, мајчинство и нежност. Исус нѐ потсетува дека „оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга.“ (Мк 10, 42-43) Нашите мисионери и мисионерки прифатиле да го вршат својот авторитет – љубејќи, помагајќи, прегрнувајќи, посебно оние кои се на маргините на човештвото, на периферијата на човечноста. Тие се „вистинските господари на светот“ затоа што служат на другите дарувајќи им го својот живот. Така тоа го прават светците. Тие ни се пример и поттик и ние така да живееме.
дон. Антун Штефан/мисије/мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк