По повод празникот Воскресение Христово, Скопскиот бискуп и епарх Струмичко – скопски до верниците и сите луѓе со добра волја упати Велигденска честитка, која Католици.мк ја пренесува во целост:
Драги браќа и сестри, Пасхалното таинство не само еден ден, туку повеќе денови не собира околу олтарот во Црквата и ја доловува мислата во душата на Исусовите страданија, смрт и воскресение. Христијанскиот начин празнување на поедини настани од историјата на спасението не се само споменување на нешто што било, туку е доживување на нешто што постојано трае. Исус Христос во одредено историско време беше мачен и распнат, убиен и погребен во Ерусалим. Но факт е – како веруваме – смртта над Него немаше последен збор. Сам навести, а и сета историја на верувањето стави акцент, дека воскресна. Неговото материјално битие излезе од законот на нашата физика и во преобразеното тело и денес е присутен. Разбирливо, дека поединостите на таквото тело нам не ни се познати, но тоа, што со очите на верата го гледаме и со душата веруваме не прави денес среќни, бидејќи е врв, а и извор на нашата вера: Христос е жив, воскреснат, прославен и сега е меѓу нас. Како Католичка заедница невообичаено сме збогатени со овој Велигден не само со празнувањето на таинството на верата, туку со фактот дека токму во тоа Воскресно време ни доаѓа во пасторална посета Поглаварот на нашата Црква, папа Фрањо.
Исус после Воскресението при секој поздрав своите ученици ги поздравуваше со „Не бој се и Мир вам!“ Како гесло на Апостолската посета на Папата ги зедовме Исусовите зборови од евангелието според Лука „Не бој се, стадо мало“. При тоа мислиме на малобројната Католичка заедница од римски и византиски обред кај нас, но мислиме и на нашата Татковина во светски рамки. Ниту сме големи, ниту сме моќни, но се надеваме и уверени сме дека Исус и денес не поздравува со: „Мир вам! Не бој се, стадо мало!“. Со овој поздрав и јас ве поздравувам, исполнет со радост што Неговата Светост – Папата ни доаѓа во посета на нашата Земја, на нашиот град – родниот град на свeта Мајка Тереза – Скопје. Веруваме дека Тој ќе ни го навести Христовиот мир, ќе не охрабри и ќе ни ја зајакне нашата надеж да не се пребројуваме според бројот, туку да настојуваме својот живот да го направиме богат во даровите кои само Бог може да ни ги дарува. Во многу сфери на нашата цивилизација и култура полагаме испит на опстанок и затоа се молиме прославениот и воскреснат Бог, преку оваа Апостолска посета, нѐ обнови во духот, зајакне во мирот и зацврсти во заедништвото со сите луѓе со добра волја што на ова земја и на сите граѓани во неа им посакуваат напредок, соживот, успех, а пред сѐ мир.
Нека доаѓањето на Папата, на секој верник и секој човек во нашата Татковина ги зајакне чекорите за мир, сигурност во животот и надеж за подобро утре. Со тие мисли се среќаваме во славата на Воскресението и нашиот Господ Исус Христос што не прави способни да можеме искрено да порачаме: „Не бој се, стадо мало!“ – Небесниот Отец ви го предаде Царството на животот. Христос воскресе!