Ерусалимскиот латински патријарх Пјербатиста Пицабала го предводеше Пасхалното бдение во базиликата Светиот Гроб во Ерусалим на 16 април 2022 година.
Во базиликата и на плоштадот пред неа на славењето на Пасхалното бдение се собраа верници и ходочасници кои после две години пауза заради епидемиолошките мерки се враќаат на светите места.
Бдението започна со благослов на огнот кај каменот на помазувањето на кое според традицијата Исусовото тело било подготвено за погреб. Ходочасниците и верниците од сите конфесии и во денешно време ја помазуваат таа реликвија и се допираат. Патријархот Пицабала ги спореди со жените кои на воскресното утро тргнале да го помазаат Исусовото тело. Истакна дека тој нивен потфат ја покренува динамиката за навестување на Воскресението – ги изведува апостолите од Горната одаја каде се сокривале и од каде тргнуваат по целиот свет.
„И денес во светот обележан со смрт и уништување, каде цели цивилизации се искоренуваат, не смееме да го бараме Исуса меѓу мртвите, туку да бидеме навестители на животот и надежта, на луѓето кои го бараат – знаејќи дека под земјата, но навистина во срцето на светот тече реката на жива вода – дозволувајќи да се зачудат од Божјите изненадувања кои Бог секогаш ги подготвува. Дури и среде страдање и омраза“, порача надбискупот.
Тој ги повика христијаните во Светата Земја да трчат да го навестат Воскресението. Имено, последната недела таму ескалираше насилството и конфликтот.
Ова година еврејската Пасха (16 април) се поклопува со муслиманскиот рамазан, како и со Велигден. На Велики Петок во пресрет на еврејската Пасха, во Ерусалим кај џамиите на местото на стариот еврејски храм се судрија Палестинците и израелската полиција. Повредени се повеќе од 150 луѓе. Полицијата соопшти дека интервенирала затоа што Палестинците ги каменувале Евреите кои доаѓале да се молат на Ѕидот на плачот.
Тензичната состојба, не ги спречи христијаните да се соберат на прославата на таинството на Пасхалното бдение. Патријархот Пицабала на крајот на хомилијата три пат воскликна: Al Masieh al qam! (Христос воскресна), на што собраниот народ одговори: Haqqan qam! (Навистина воскресна)
Ватикан њуз/к.мк