Глобалните воени трошоци минатата година достигнаа рекордно високо ниво, додека средствата за итна помош и развој беа намалени.
Ватикан повторно повика на разоружување и контрола на оружјето, истовремено критикувајќи го ниското ниво на средства што се издвојуваат за развој.
Глобалните воени трошоци, кои минатата година достигнаа рекордни над 2,89 трилиони американски долари, се „сериозно неурамнотежени во споредба со ограничените ресурси достапни за задоволување на основните потреби и за промовирање на целосен човечки развој“, изјави дипломатскиот претставник на Ватикан.
Изјавата, според новинската агенција KNA, била дадена на ревизиската конференција на Конвенцијата за касетна муниција, која во понеделник започна во Лаос.
Договорите за разоружување се морални обврски кон сегашните и идните генерации, рече амбасадорот на Ватикан, надбискупот Еторе Балестреро, постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации во Женева.
Според подготвеното обраќање, Светиот Престол ги повикува државите да го зајакнат меѓународното хуманитарно право и да го следат „патот на дипломатијата за разоружување“.
Надбискупот Балестреро истакна дека меѓународните договори за контрола на оружјето се „извор на сила“ и служат за заштита на најранливите, како и на многубројните невини луѓе погодени од суровоста на конфликтите и од нивното смртоносно наследство.
Петдневната конференција во Виентијан, главниот град на Лаос, е посветена на спроведувањето и натамошниот развој на Конвенцијата од Осло за касетна муниција од 2008 година.
Катпрес/к.мк

