„Денес ви се роди Спасител, Христос Господ!“
Драги браќа и сестри!
Низ многу векови одекнува пораката што ангелите во Витлеемските полиња им ја упатија на пастирите при Исусовото раѓање: „Зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лк 2,11). Можеби зборовите „Зашто денеска ви се роди“ одекнуваат малку чудно во нашите уши. Како тоа? Зарем секој не се раѓа сам за себе? Ако од Француската револуција, преку борбата на работниците за своите права во 19 век, трагедиите од светските војни од минатиот век, современите кризи што зафатија големи делови од светот, не научивме ништо друго, барем од сите овие настани би можеле да извлечеме поука дека робовите не се раѓаат за своите господари, ниту работниците за своите работодавачи, ниту селаните за нивните феудалци, ниту војниците за државата. Секој човек се раѓа за себе и секој се радува на животот; секој човек има право на својот живот. Секој човек е Божја слика; кој го нарушува човечкото достоинство, тогаш тој греши и против самиот Бог.
И во животот се случуваат чуда. Овие чуда се на дело кога поединци од љубов кон човекот, својот ближен, го жртвуваат своето време, своите добра, дури и својот сопствен живот. Многумина тоа и денес го прават. Не мора тоа секогаш да бидат големи работи за кои се зборува во медиумите. За време на оваа пандемија од коронавирусот, ние со голема благодарност го свртуваме вниманието кон толку многу лекари, медицински сестри и болничари, како и кон целиот услужен медицински персонал по клиничките центри, болниците и другите здравствени установи, кои својот сопствен живот и своето сопствено здравје го стават на ризик за да нè заштитат нас и сочуваат. Се молиме за нив и за сите погодени од оваа пандемија Бог да ги чува и да нè ослободи сите нас од оваа неволја за да можеме да се вратиме на вообичаениот начин на живот и работа, на нашите семејства, на училиштата и на работните места во корист на нашиот народ и нашата драга татковина Македонија.
Кога во животот ќе сретнеме поединци кои својот живот го посветиле целосно на грижата за другите, лесно можеме да забележиме како некако и светот се менува во нивното опкружување. Да се присетиме само на нашата светица Свeта Мајка Тереза, која со своето несебично служење на најсиромашните меѓу сиромашните го привлече вниманието на светот, со својот живот и дело менуваше сè околу себе, создаваше атмосфера на Божјата присутност меѓу нас.
Едноставно, убаво е што има такви луѓе кои со својот живот и работа прават чуда, а својот благослов го истураат на земјата дури и по својата физичка смрт. Тие ја менуваат атмосферата каде и да се најдат и со своето присуство внесуваат мир во човечките срца. И нивната желба е да му служат на Исус, кој се идентификува со секое човечко суштество, особено со оној чие мислење тешко се доведува во прашање и до кои светот многу малку или воопшто држи.
Во Евангелието според Иван пишува за Исус: „Бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“. Со ова е означено вниманието, бесконечната добрина и големата наклонетост на Бога кон луѓето, кој преку својот Син ја зеде човечката природа и кој во одреден историски момент се роди од Богородица и дојде на светот да биде еден од нас и целосно за нас, освен во гревот. Во средбата со луѓето секогаш беше внимателен кон секого, кон децата и младите, кон возрасните и болните, кон богатите и сиромашните, кон цариникот Матеј кој седеше во царинската куќа опседнат со броење пари и кон Закхеј кој се туркаше низ толпата и се искачуваше на дрво за да може да го види, кон грешната жена која му пријде со масло да му ги помаже нозете, и кон учениот Никодим кој потајно доаѓа да разговара со него и да ги трогна неговите колеги книжници и фарисеи. Вниманието на Исус кон човекот е такво што сите кои го гледаат на зборови и дело едноставно признаваат дека меѓу нив „се јави добрината и човекољубието на нашиот Спасител, Бог“ (Тит 3,4). Овој Исус не е роден сам за себе, туку за нас, за сите.
Ова е изразено во пораката на ангелот: „Денес ви се роди Спасител, Христос Господ!“ Зошто Бог стана човек? Тој стана човек поради мене и за мене. Тоа е тајна на Исусовиот живот да егзистира (да постои) за другите. Неговото „да се биде за“ се однесува на помирување и укажува на темелите на сиот меѓучовечки живот. И додека го славиме таинството на воплотението на Синот Божји, ја слушаме оваа порака на ангелите до пастирите, се надеваме дека и ние сме вклучени во оваа таинство, дека Спасителот се роди во нас и за нас, за тебе и за мене и дека Исусовото внимание е насочено кон нас. Каде е Господ, таму е и иднината. Каде што има вера, има и иднина и надеж. А Бог се наоѓа таму каде што Неговото име се повикува и слави, каде што луѓето се поклонуваат пред Него и признаваат дека Тој е единствената надеж, единствениот патоказ, единствената цел и насока на животот. Само Тој во нашите неволји може да ни помогне и во сите наши тешкотии и кризи во светот. Единствено Тој го има вистинскиот лек за нашите болки, затоа што „Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“ (Исаија 53,4).
Браќа и сестри со овие зборови на сите вас ви го честитам празникот Рождество Христово – Божик. Нека Новородениот Исус на сите ни донесе радост и мир, нека нѐ оздрави од сите наши болки и нѐ направи секогаш да бидеме Негови. Амин! Христос се Роди!