Во доцните вечерни часови на 6 јануари 2019 година, во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица децата и младите приредија божиќна претстава, насловена „Исус или ништо“, која е адаптација на телевизискиот квиз „Се или нешто“. Специјалното издание на божиќниот квиз го водеше водителката Филипова, а за милионот играше Дедо Мраз, кој пред целата публика ја откри неговата професија: крадење идентитети.
Банкарот во својот карактеристичен стил даваше разновидни примамливи понуди: света Исповед, Чистилиште, Заедништво со Господ…. На крајот од специјалното издание на квизот банкарот дозволи Дедо Мраз да избере една од двете преостанати кутии. Во драматичната изведба наместо милионот, Дедо Мраз се одлучува во својот живот да му даде место на Исус.
За времето предвидено за реклами на сцената се разменуваа песни, рецитали и реклами со божиќна содржина.
Претставата заврши со пеење на тропарот за празникот Рождество Христово, во изведба на децата и младите од парохијата.
к.мк/Фото: Сречко Гунчев