На 20 декември 2017 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје беше одржан Божиќен концерт во изведба на Горан Кукиќ заедно со музичката група „Јупитер“ и Катедралниот хор „Успение на Пресвета Богородица“ од Струмица, а во организација на „Заедницата на Хрватите во Р. Македонија“ – огранок Скопје во соработка со катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје, и со помош и поддршка на Канцеларијата за Хрвати надвор од Р. Хрватска и Амбасадата на Р. Хрватска во Р. Македонија.
Покрај бројните посетители беа присутни и претседателот на Заедницата на Хрватите во Македонија Антон Куљеван, амбасадорката на Р. Хрватска во Р. Македонија Даниела Баришиќ, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми и од Агенцијата за иселеништво во Р. Македонија директорот Никола Шалварин.
На почетокот присутните ги поздрави домаќинот, парохот дон Давор Топиќ пренесувајќи ги поздравите на бискупот Киро Стојанов, истакнувајќи: „Овој месец на посебен начин е убав затоа што во него имаме можност да живееме моменти на заедништво и сите овие настани како и вечерашниов концерт нé водат кон врвот, прославата на таинството на Божиќ – таинството на Христовото раѓање. Вратата на шталата во Витлеем беше отворена и затоа можеа да го примат оној кој требаше да се роди. Еве тоа е она што е потребно од наша страна, да го отвориме своето срце за средба со Исус Христос кој доаѓа во ликот на Младенецот. Во Божиќ оваа љубов сака да нé сретне, таа од нас бара и токму таа Божја љубов сака да донесе победа во нашите животи, победа над нашиот мрак, во нашите кризи, стравови. Да се отвориме за оваа љубов која доаѓа да нé спаси и да нé прегрне.“
Божиќниот концерт беше посетен од голем број на посетители кои уживаа во изведбата на старите и новоконпонираните божиќни песни кои одѕвонуваа во акустичната црква.
По музичката програма, следуваше коктел „Божиќна вечер“ во ресторанот Рагуза за сите присутни и дружење пропратено во пријатна атмосфера.
к.мк