Како што Богородица во своето срце полно со понизност се подготвувала да роди, така и ние денес во истиот став треба да го исчекуваме Исусовото раѓање.
Популарната песна на групата Индекси ни ги дава овие стихови: „Jedan čovjek i jedna žena na peronu sreće stoje još. Čekaju voz što doći ne će pa da krenu putem sreće te.“ Песната јасно вели дека е илузорно да се чека тоа што нема да дојде. На празно е да го чекаш она што веројатно нема да се случи. Се наметнува прашањето: Чекаме ли ние можеби исто така многу други „возови“ кои нема да дојдат?
Го чекаме радосниот празник Божиќ? Но, дали ќе се случи? Го чекаме ли со вера она за што треба да копнееме? Можеби сме проживеале многу Божици, но прашањето е дали ни се случил Божиќ? Божиќ како општествена појава е едно, а Божиќ како лична средба со Новороденчето е нешто друго. Треба да ја чекаме личната средба со Исус, а не Божиќ кој е заробен во духот на светот. Се добива впечаток дека современиот човек и реално и промислено стои на перонот и го чека она во што и самиот не верува. Црквата литургиската година така ја подготвила што времето на чекање игра важна улога. Времето на Божиќниот пост е време на чекање и подготовка. Тоа е време на делотворно чекање и подготовка на духот за најголемата радост која на човештвото му се случила – доаѓањето на Младото Сонце од висините Исус Христос.
Ние во секојдневниот живот чекаме настани кои повеќе или помалку нѐ радуваат. Го чекаме крајот на училиштето, чекаме брак, чекаме сакани личности, чекаме убаво време, чекаме работа, чекаме пензија… Како целиот живот да сме го претвориле во чекање и сѐ се одвива помеѓу она што сме го дочекале и тоа што одново го чекаме. Во чекањето понекогаш се и изморуваме, па губиме трпение и надеж дека чекањето би можело да се исполни. Но, треба да знаеме да чекаме. Чекањето треба да биде и подготовка, а не само чекање со скрстени раце. Токму таквото чекање со подготовка и исчекување од нас го бара времето на Божиќниот пост. Како што Богородица во своето срце полно со понизност се подготвувала да роди, така и ние денес во истиот став треба да го исчекуваме Исусовото раѓање. Токму на нас ни е потребна скромноста на Марија и понизноста ако сакаме да собереме плодови од Исусовото раѓање. Во иста атмосфера во каква што се родил Исус ние мораме да го чекаме.
Уште во 2000 година свети Иван Павле II во Витлеем рече дека Бог стана дете целосно зависно од грижата на таткото и мајката. Затоа толку се радувам на Божиќ. Повеќе не сме осамени. Бог слегна за да биде со нас. Исус стана еден од нас и за нас претрпе најлоша смрт, смрт на злосторник на крстот, заклучува светецот.
Каде се роди Исус? Се роди во пештера затоа што единствено таму за Него имаше место. Тој и овој Божиќ ќе се роди само таму каде за Него ќе има место, каде што ќе му бидат подготвени патеките. Каде Исус ќе најде подготвени јасли во човечките срца – таму ќе се случи Божиќ. Затоа ние се подготвуваме во Божиќниот пост затоа што само тие кои во духот се подготвени ќе го слушнат радосниот плач на Спасителот на светот. Детето Исус носи порака која нѐ тера да поработиме за подобар свет – свет по Божјата мерка. Детето Исус е порака која треба срцето да ни го исполни со љубов за најзагрозените и за оние најнезаштитените.
Во брошурата „Барај Го Господ во јаслите“ папата Фрањо меѓу останатото вели: „Барај Го Господ во јаслите, барај Го таму каде што никој не Го бара, во сиромавиот, во едноставниот, во малиот. Не барај Го меѓу светлата на големите градови, не барај Го во изгледот. Не барај Го во целиот тој погански сјај кој ни се нуди во секој момент. Барај Го во необичните работи и во оние кои те изненадуваат.“
Ако сакаме да ја наследуваме таа порака, да го подготвиме своето срце за да може да го прими тој дар. Божиќ е дар, а не заслуга или хронолошки настан. Отфрлете срце камено и земете срце од месо – и тоа е Божиќ. Токму срцето од камен Исус го истерало во штала и му подготви завршеток на крстот. Затоа будни да бидеме и да го побараме патот до тоа сокриено Таинство во шталата за да можеме да влеземето во тајната на надежта, верата и љубовта кои Исус ја донесува на оние кои се способни да ги примат.
Гласник Мира/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк