Бог ќе ни прости единствено ако ние им простиме на другите

Бог ќе ни прости единствено ако ние им простиме на другите

Бог ќе ни прости единствено ако ние им простиме на другите без огорченост – рече папата Фрањо на светата Литургија, која ја служеше во домот Света Марта на 6 март 2018 година, фокусирајќи се на една од своите најомилени теми: простувањето.

Папата во својата проповед предупреди на опасноста омразата да нè пороби, потсетувајќи ги верниците дека првиот предуслов за Бог да ни прости е да се признаеме за грешници.

Размислувајќи за првото читање од Книгата на пророкот Даниил, Светиот Отец го сврте вниманието на Азариј кој откако бил фрлен во оган затоа што одбил да се одрече од Господ, не се жали на Бог заради она што го претрпува. Наместо тоа продолжува да ја исповеда Божјата величина и упатува на коренот на злото, признајќи дека Бог секогаш ги спасувал, но тие за жал погрешиле. Се обвинува самиот себе и својот народ. Обвинувањето на самиот себе – рече папата Фрањо – е првиот чекор кон простувањето.

Да се обвинуваш самиот себе, а не другите е дел од христијанската мудрост – истакна Папата предлагајќи го тој став кога пристапуваме на светата Тајна Помирување: великиот Бог ми дал толку многу нешта, но за жал јас погрешив; го навредив Господ и барам спасение. Светиот Отец потоа го раскажа настанот за жената која влегува во исповедилница и на свештеникот му ги набројува гревовите на својата свекрва, сакајќи на тој начин да се оправда. Исповедникот ја прекинал, ѝ рекол: „Добро, сега исповеди ги твоите гревови.“

Упатувајќи на Азариј, папата Фрањо рече дека на Господ му се допаѓа скрушено срце, напоменувајќи дека нема да се посрамат оние кои се надеваат на Бог. На Господ му се допаѓа срце кое ја зборува вистината – продолжи Светиот Отец. Ние зборуваме: го направив тоа и тоа Господи, згрешив против Тебе. Господ пак нè запира како што тоа го прави таткото со блудниот син: не ни дозволува да говориме, туку нè покрива со љубовта, простувајќи ни сè.

Папата Фрањо ги повика верниците да не се срамат да ги признаат своите гревови, гарантирајќи дека Господ нè оправдува, простувајќи ни, не еднаш туку секогаш, под услов ние да им простуваме на другите. Призна дека не е лесно да се прости и тоа заради огорченоста која се вгнездува во нашите срца, оставајќи зад себе горчлив вкус. Ние често раскажуваме работи кои другите ни ги направиле – рече Папата и во тој контекст предупреди на опасноста омразата да нè зароби. Две работи ни помагаат да го разбереме патот на простувањето – рече на крајот Светиот Отец: Првата е дека треба да го славиме Господ и да ги признаеме своите гревови, а втората е дека Бог ни простува седумдесет пати по седум, под услов ние да им простуваме на другите.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот