Бог го сретнуваме целивајќи ги Исусовите рани во нашите најслаби браќа

Ватикан, 3.7.2013 /к.мк/ – „За средба со живиот Бог потребно е нежно да се целиваат Исусовите рани на нашите болни, сиромашни, гладни, затворени браќа“, рече папата Фрањо за време на светата Литургија во среда 3 јули во капелата на домот Света Марта, коментирајќи го Евангелието за денешниот празник на светиот апостол Тома (Иван 20,24-29). На светата Литургија присуствуваа свештеници и соработници од Папскиот совет за меѓурелиски дијалог на чело со кардинал Жан Луиз Туран, претседател на советот.

По Воскресението Исус се покажува на апостолите, но меѓу нив не е Тома. „Сакаше да чека една седмица, Господ знае што прави. И на секој од нас ни дава толку време, колку што тој мисли дека е најдобро за нас. На Тома му даде една седмица. Исус се појавува со своите рани: „Целото тело било чисто, преубаво, полно светлина, сепак раните беа сѐ уште видливи, како што се и сега“ А кога Господ ќе дојде на свршетокот на времињата „ќе ни ги покаже своите рани“. Тома за да поверува, посака да ги стави своите прсти во тие рани.

Бил тврдоглав. Но, на Господ токму таков му беше потребен – за да ни покаже на нас нешто големо. Тома го виде Господ, беше повикан да ги стави своите прсти во раните од клинците, да ја стави својата рака во прободените ребра, но не рече: „Вистина е: Господ Воскресна!“ Не! Кажа многу повеќе од тоа. Кажа: „Бог!“. Тома е првиот ученик кој исповеда по Воскресение дека Христос е Бог. И му се поклони.“

„Со тоа станува јасно зошто Господ сакаше да чека Тома: преку неговото неверие да го покаже – не да потврди за Воскресението – тука да потврди за неговото Божеството.“ Во средбата со Исус – Бог, истакна Папата, се оди по патот на неговите рани, нема друг пат.

Во историјата на Црквата некои го имаат погрешено патот кон Бог. Верувале дека живиот Бог, Богот на христијаните може да се пронајде медитирајќи, стремејќи се сѐ повеќе кон медитација. Тоа малку е и опасно, зарем не? Колкумина се губат на тој пат, не стигнувајќи до целта. Можеби го запознаваат Бог но не го запознаваат Исус Христос, Синот Божји, второто лице од Пресветата Троица. Не стигнуваат до таа цел. Тоа е патот на гностиците, зарем не? Тие се добри се трудат, но тоа не е вистинскиот пат. Многу е комплициран и не води до вистинското пристаниште.“

Други пак, објасни Папата, мислеа дека за средбата со Господ потребно е да се умртвиш самиот себе, да се биде испосник, да се одберат покорнички патишта; само покора и пост. Ниту овие не го сретнаа живиот Бог, Исус Христос живот Бог. Тоа се пелагијанци, тие веруваат дека со свои сили можат да дојдат до Бог. Но Исус ни говори дека патот е во средбата со Него – пронаоѓање на неговите рани:

„А Исусовите рани ги пронаоѓаш во делата на милосрдието, давајќи му она што му е потребно на телото“ – нагласи Папата: „телото, но и душата, но истакнувам – телото на својот несреќен брат, бидејќи е жеден и гладен, бидејќи е гол, бидејќи е понижен, затоа што е роб, затоа што е во затвор, затоа што е во болница. Тоа се денешните рани Исусови. Исус бара од нас чин на вера во Него – но преку патот на овие рани. Некој ќе каже: „Одлично, да организираме фонд за да им помогнеме на тие луѓе, ќе направиме многу добри нешта за да им помогнеме“. Тоа е многу важно, но ако останеме на тоа ниво – ќе бидеме само филантропи. Мораме да ги допреме Исусовите рани, мораме да ги милуваме, мораме нежно да ги негуваме Исусовите рани, мораме да ги целиваме Исусовите рани, и тоа буквално. Да се потсетиме, што се случи со свети Фрањо кога го прегрна лепрозниот човек? Истото што му се случи и на свети Тома; му се промени животот!“

За да се допре живиот Бог, рече Папата не е потребно да се „заврши курс“, туку да се влезе во Исусовите рани, а за тоа е доволно да се излезе на улица. „По застапништвото на свети Тома да молиме за таа благодат, да имаме храброст со својата нежност да влеземе во раните Исусови и сигурно дека ќе добиеме милост да му се поклонуваме на живиот Бог. (го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<