Бискупот Стојанов служеше Божиќна света Литургија во Скопската катедрала

Бискупот Стојанов служеше Божиќна света Литургија во Скопската катедрала

Во четврток 24 декември 2020 година Полноќната света Литургија во Катедралата Пресвето Срце Исусово – Скопје ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс. д-р Киро Стојанов. На светата Литургија сослужуваа дон Паво Шекерија – катедрален парох, о. Марјан Ристов – бискупскиот канцелар. На свеченоста присуствуваше претседателот на Македонија Стево Пендаровски со неговата сопруга и директорот на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

За да се одговори на потребите на верниците и согласно мерките за заштита од коронавирусот во дворот на катедралата беше поставен видео бим од каде верниците можеа на пропишаното растојание и почитување на останатите мерки да присуствуваат на светата Литургија.

Во својата проповед епископот Стојанов истакна дека пораката за Исусовото раѓање која ангелите ја упатија на пастирите одекнува низ вековите „Зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“. При тоа бискупот истакна дека можеби зборовите „Зашто денеска ви се роди“ одекнуваат малку чудно во нашите уши. Како тоа? Зарем секој не се раѓа сам за себе? При тоа потсети на Француската револуција, трагедиите на светските војни од минатиот век, кризите во светот преку кои сме повикани да ја извлечеме следнава порака: „Робовите не се раѓаат за своите господари, ниту работниците за своите работодавачи, ниту селаните за нивните феудалци, ниту војниците за државата. Секој човек се тоа раѓа за себе и секој се радува на животот; секој човек има право сам да располага за својот живот. Секој човек е Божја слика; кој го нарушува човечкото достоинство, тогаш тој греши и против самиот Бог.“

Тој потсети на пожртвуваноста на многумина кои од љубов кон ближниот го жртвуваат своето време, удри и својот живот, посебно во оваа пандемија со коронавирусот, при што истакна: „Со голема благодарност го свртуваме вниманието кон толку многу лекари, медицински сестри и болничари, како и кон целиот услужен медицински персонал по клиничките центри, болниците и другите здравствени установи, кои својот сопствен живот и своето сопствено здравје го стават на ризик за да нè заштитат нас и сочуваат. Се молиме за нив и за сите погодени од оваа пандемија Бог да ги чува и да нè ослободи сите нас од оваа неволја за да можеме да се вратиме на вообичаениот начин на живот и работа, на нашите семејства, на училиштата и на работните места во корист на нашиот народ и нашата драга татковина Македонија.“

Слушајќи ја пораката на ангелите за воплотението на Синот Божји, бискупот Стојанов посака и ние да сме вклучени во оваа таинство, Спасителот да се роди во нас и за нас.„Каде е Господ, таму е и иднината. Каде што има вера, има и иднина и надеж. А Бог се наоѓа таму каде што Неговото име се повикува и слави, каде што луѓето се поклонуваат пред Него и признаваат дека Тој е единствената надеж, единствениот патоказ, единствената цел и насока на животот. Само Тој во нашите неволји може да ни помогне и во сите наши тешкотии и кризи во светот. Единствено Тој го има вистинскиот лек за нашите болки, затоа што „Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“ (Исаија 53,4) – потенцира бискупот Стојанов.

На крајот од проповедта честитајќи го Рождество Христово – Божик бискупот рече: Нека Новородениот Исус на сите ни донесе радост и мир, нека нѐ оздрави од сите наши болки и нѐ направи секогаш да бидеме Негови. Амин! Христос се Роди!

Божиќната светата Литургија од катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје беше пренесувана од Радио Марија и Македонската радио телевизија.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот