Бискупот Стојанов се сретна со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто
На светата Миса Зорници, која ја служеше бискупот Стојанов на 20 декември 2021 година, во капелата Свети Кирил и Методиј во Бискупската резиденција во Скопје, присуствуваше и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.
Претходно пред светата Миса бискупот Стојанов се сретна со министерот Сијарто и во срдечна и пријатна атомосфера го запозна за животот на Католичката црква во Македонија, како и предизвиците со кои се соочува во поглед на пандемијата, како и за активностите кои Католичката црква ги презема преку своите институции за ублажување на последиците.
Од своја страна министерот Сијарто го запозна бискупот Стојанов со актуелните општествени прилики во Унгарија.
Двајцата соговорници изразија желба за унапредување на односите и соработката, а беше истакната и добрата соработка со амбасадата на Република Унгарија во Македонија и амбасадорот Н.Е. Ласло Дукс, кој го придружуваше министерот Сијарто на оваа средба.
На крајот од средбата следуваше размена на подароци, при што бискупот Стојанов на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто му подари медалјон од посетата на папата Фрањо во Македонија, додека министерот Сијарто на бискупот Стојанов му подари медалјон со ликот на Свети Стефан I. Унгарски, кој се смета за прв крал и основач на кралството Унгарија и го вовел христијанството како примарна религија во земјата. За светец е прогласен на 20 август 1083 година и е еден од најпопуларните светци во Унгарија.
Ватикан њуз/к.мк