Бискупот Стојанов прослави 15 години епископска служба

На 11 мај 2014 година, Недела на Добриот Пастир, во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово со свечено Евхаристиско славење, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов прослави 15 годиини од епископската хиротонија.

На почетокот на Евхаристиското славење сите присутни верници, како и дванаесетте присутни свештеници ги поздрави скопскиот парох дон Давор Топиќ, истакнувајќи дека вечерва одбележуваме и благодариме на Бог за 15 годишнината од епископската хиротонија на месниот ординариј монсињор Стојанов. А веднаш потоа најави дека на светата Миса богословот Емануел Матес, кој се образува во ѓаковската богословија, ќе ја прими ниска црковна служба „Admissio“.

На самиот почеток од светата Миса дон Топиќ го повика деканот о. Тома Ангелов, кој во име на свештениците и монасите упати честитка до епископот Стојанов истакнувајќи: „Вие сте пастир кој сте во стадото и со стадото. Папата Фрањо истакна дека пастирот мора да мириса на стадото, а за да мириса на стадото треба да биде со стадото. Тоа вие го правите и покрај сите ваши обврски. Секогаш кога треба ги посетувате парохиите, свештениците, верниците, ги примате во секое време за да разговарате со нив, да ги советувате, охрабрите… Не се препуштате на комфор и лежерност, туку секогаш кога сте во можност вие сте со стадото. Тоа го правите затоа што искрено го љубите своето стадо, бидејќи и самите доаѓате од него. Во својата 15 годишна епископска служба секогаш донесувате исправни одлуки со цел да го запазите стадото и посебно настојувате во него да владее единство, заедништво и слога“.

По Служба на Словото следуваше обредот за прием на богословот Емануел Матес за кандидат на Скопската бискупија за примање на светите редови ѓакон и презвитер.

Потоа епископот Стојанов имаше пригодна проповед во која истакна: „Во денешното Евангелие јасно е означен ликот на Добриот Пастир, нашиот Спасител Исус Христос. Исус знаел дека нема да може на видлив начин да остане со своето стадо сѐ до свршетокот на светот. Знаел дека до крајот на светот ќе бидат потребни добри пастири, кои со љубов ќе водат грижа за Христовата заедница, за Божјиот народ. Затоа избрал и постојано избира луѓе кои во Негово име ќе го собираат распрснатото стадо и кои полни со љубов ќе ги лечат раните на телата и душите и ќе ги водат на изворот на живата вода. За да можат во Христовиот дух да ја исполнат својата единствена служба им се дава милоста на светата Тајна свештенството, им се дава власт да разрешуваат, да имаат власт над Него во Евхаристијата, изедначувајќи ги со себе: кој вас ве слуша, мене ме слуша.“

„Радосен сум што денес можам меѓу кандидатите на Скопската бискупија за светите редови да го примам нашиот богослов Емануел Матес, но ќе бидам уште порадосен и благодарен на Бог, ако неговиот пример го следат и други наши млади било во свештенството или во монаштвото. Со ова размислување сакам да ја истакнам важноста на свештеничката и епископската служба. Во денешната Литургија јасно се гледа дека Бог за себе избрал соработници кои ги обдарил со Светиот Дух со задача Он да остане меѓу нас. Затоа денес стојам пред вас и ве молам во името на Исус Христос: молете за нас свештениците и епископите.“

„Благодарам на свети Иван Павле II Велики, кој пред 15 години ме вброи во епископскиот збор. Го молам да се застапува пред Бог, за браќата свештеници, чесни сестри, за секое духовно звање и за сите вас драги верници, за да нѐ следи Божјиот благослов и да ја зајакнува верата во Воскреснатиот Господ“, рече епископот Стојанов.

По молитвата после причеста, дон Топиќ му посака на епископот Стојанов сила од Господ, а на богословот Матес за расте во светоста. Потоа го повика братот на епископот о. д-р Зоран Стојанов, кој во име на семејството му изрече пригодна честитка и на епископот му предаде подароци од семејството како и од парохиска заедница Радово, која е родна парохија на бискупот Стојанов.

Бидејќи Скопската бискупија е во составот на Врхбосанската митрополија, надбискупот врхбосански, кардинал Винко Пулиќ упати честитка до епископот Стојанов која ја прочита дон Топиќ, а во неа тој пишува: „Со посебно чувство на братско заедништво упатувам најискрени честитки по повод 15 годишнината од хиротонијата. Уште повеќе и силно ги соединувам своите молитви со толку луѓе кои се поврзани со вас. Не сакам да изнесувам посебни желби, затоа што Бог знае што во овој момент ви е најпотребно, тоа нека ви го даде преку оваа молитва и заедништвото на братското апостолско послание“, стои во честитката на кардиналот.

Дон Топиќ потоа најави кратка претстава која ја изведоа децата облечени во ангели по водство на с. Марија Едит, МС. Во претстава е истакнато богатството на свештенството, односно епископската служба. Имено, во оваа претстава Бог го испраќа ангелот Гаврил да го пронајде она што за Него е најскапоцено. И Гаврил пронаоѓа лилјан како симбол на чистотата, а потоа и дете како нешто свето и невино. Но Бог го испраќа и по трет пат да оди на земјата, бидејќи Бог сака нешто друго. Така ангелот доаѓа до свештеникот кој исповеда жена која плаче и ги зема нејзините солзи, ги носи пред престолот Божји, велејќи му на Бог: „Најдов што е најскапоцено на земјата и затоа Неговиот Син умре за да може грешникот да најде нов живот“, истакнувајќи дека го најде скапоцениот дар – свештенството. Во тој момент се слушна глас: „Кога Исус беше распнат на крстот, неговото срце беше прободено и од него потече вода и крв, кои се извор на светите Тајни, а ги дарува на Црквата преку епископската служба која е полнина на свештенството. Дарот на светото ракополагање на луѓето им го отвора небото.“

Потоа децата добија голем аплауз во црквата, пристапија до бискупот и му ја честитаа годишнината од хиротонијата. Тие на бискупот Стојанов му го предадоа дарот од кардиналот Винко Пулиќ и бискупскиот пекторал, кој е дар од духовните звања во Македонија.

Епископот Стојанов на крајот на славењето заблагодари на децата, свештениците, семејствата на сите присутни, како и на сите кои го следат со поддршка и молитва во исполнувањето на службата која му е доверена во Црквата.

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот