Бискупот Стојанов на посета „Ad limina apostolorum“ во Рим

Бискупот Стојанов на посета „Ad limina apostolorum“ во Рим

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов кој е член на Меѓународната бискупска конференција Свeети Кирил и Методиј ќе престојува во Рим од 29 јануари до 4 февруари 2017 година, заедно со останатите бискупи на Меѓународната бискупска конференција на посета „Ad limina apostolorum“.

Латинскиот назив „Ad limina apostolorum“ го преведуваме како: посета „на апостолските прагови“ односно на гробовите на апостолите Петар и Павле.

Во оваа прилика, бискупот ќе се сретне со Светиот Отец и неговите соработници во Рим, поглаварите на поедините конгрегации и други институции на Светиот Престол. Сето тоа е пропишано со црквените закони во каноните 399 и 400. Во нив се истакнува дека секој диоцезански бискуп е должен на секои пет години да го извести врховниот свештеник за состојбата на бискупијата што му е доверена. Кога ќе дојде таа година, треба да го посети Рим за да оддаде почит на гробовите на светите апостоли Петар и Павле и да го посети римскиот првосвештеник.

Секој бискуп од бискупската конференција има и лична средба со Светиот Отец (чие траење е точно временски определено) и тогаш бискупот може со него да зборува за состојбата на својата бискупија, за пасторалниот и литургискиот живот, за светотаинскиот живот, веронауката, за младите, за семејствата, свештениците, монасите и монахињите, за верниците, за духовните звања и католичките установи на подрачјето на неговата бискупија и нивната состојба и проблеми. На овие средби со ватиканските службеници во институциите на Римската курија се зголемува и продлабочува корисниот дијалог помеѓу бискупот и Светиот Престол, се разменуваат мислења, но и се даваат совети и соодветни предлози за поголема благосостојба и напредок на Црквата.

Посетата „Ад Лимина“ е знак и посебен миг на заедништво, зашто на нив се среќаваат две личности, бискупот на одредената Црква и римскиот бискуп – Петровиот наследник, секој со своја одговорност за иста цел: доброто на верниците и целата Христова Црква.

Во Меѓународната бискупска конференција спаѓаат земјите: Македонија (Скопска бискупија и Апостолски егзархат); Србија (Белградската надбискупија, Суботичката бискупија, Зрењанинската бискупија, Сремската бискупија и Апостолскиот егзархат за Србија); Црна Гора (Барска надбискупија и Которска бискупија) и Косово (Апостолска администратура).

РВ/к.мк/д.Д.Т

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот