Бискупот Стојанов ги прими богопосветените лица

Бискупот Стојанов ги прими богопосветените лица

На 23 декември 2019 година, Богопосветените лица од градот Скопје го посетија Скопскиот бискуп и Струмичко – скопскиот епарх монс. д-р Киро Стојанов и во таа прилика му ги честитаа претстојните Божиќни празници.

Традиционално, секоја година претставник од некоја заедница од Скопје, во име на сите упатува честитката на бискупот. Така и оваа година, во име на сите Богопосветени лица честитка му упати фоколаринката Долорес Полето.

„Почитуван Оче бискупе, се мисли дека на овој Божиќ е најлесно да се упати Божиќна честитка после настанот кој ја одбележаа оваа година, но сепак ми се чини дека што и да кажеме би можело да ја намали големината и светоста на доживеаниот момент.

Се сеќаваме на радоста и восхитта кои пред година дена во ова време ги побуди веста за посетата на папата Фрањо. Помислата дека помеѓу нас ќе го имаме најдрагиот гост изгледаше како сон. Сè беше насочено кон тој настан кој колку и да се планираше и подготвуваше, го надмина сето она што можевме да го очекуваме. Во него се вткаени многу жртви и одрекување, радосни и болни изненадувања, средби и неизвесности! Вие, Оче бискупе, тоа најдобро го знаете! Ви благодариме за сè што Вие вложивте во оваа средба на Пастирот и малото стадо“.

„А од овој благословен 7 (седми) мај ништо веќе не е исто. Низ овој дом, ова предворје чекореше, пред оваа спомен плоча се фотографираше, во нашата катедрала молеше, по нашите улици и плоштад помина Петар на нашите денови…Каква ли милост е да може да се погледне со неговите очи и неговото срце на овој град и оваа татковина! Колку емотивно беше да се слушаше неговото заблагодарување за моментите во који ја гледа Црквата која дише со своите две белодробни крила и се исполнува секогаш со нов и обновувачки воздух на Светиот Дух! Колку драгоцени поттикнувања – вистински бисери доживеавме во секоја средба со Него: Ни кажа кога пристигна дека ни носи семе уверен дека нашата земја е добра почва и дека таа ќе знае да го прими семето и да донесе род.

Нè обврза во ова време и простор да бидеме автентични сведоци на проаѓањето на Божјиот човек, и дека треба да направиме сè за семето да роди плод. Ни укажа на гладта кој го мачи современото општество: Глад за Словото, глад за средба, глад за братство. Нè поттсети на ликот на света Мајка Тереза овде во нејзиниот роден град: На нежноста на нејзиниот поглед, утехата на нејзиниот допир, надежта и силата на нејзината вера која нахрани многумина… Нè повика да покажеме други соништа кои овој свет не ги нуди, да ја сведочиме убавината на великодушноста, служењето, чистотата, јакоста, простувањето, верноста на сопствениот повик, молитвата, борбата за праведност и општо добро, љубовта кон сиромашните, пријателството… Колку ли солзи радосници на многу лица, благодарност, топлина, срдечност, великодушност, несебичност видовме меѓу сите оние кои преку Папата доживееја Татковска љубов и пријателска близина“.

„Ни се чини дека во таа милосна посета се влева и сè она што се случуваше во неделите и месеците по доаѓањето на Папата: Прославата на секој празник, секое мало и големо собирање, секое поклониене и излет, секоја средба и посета зрачеше со благодарност и спомен на тој драгоцен ден“.

„Во катедралата Папата нè потсети на делот на евангелието кога Исус е во куќата на Лазар. Марија зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови и ги избриша со косата своја и делот завршува со зборовите: и куќата се исполни со мирис од мирото. Ова миро продре секаде и остави свој белег. Папата беше меѓу нас само еден ден, еден литар миро… а нашето срце и срцата на многумина, нашата црква и нашата татковина се исполнија со миризливо милосрдие, нежност, надеж, заедништво, братство„.

„Што да Ви посакаме за овој Божиќ? Што да сонуваме? Нека ова миро продолжи да продира низ нашето секојдневие, нека посеаното семе расте во нас и меѓу нас. Ако Го прифатиме овој Божиќ, Тој, Христос меѓу нас, ќе нè преобрази нас и секоја наша ситуација. Сметајте на нашите молитви и настојувања да Го примиме и љубиме Исус овој Божиќ и во сите денови на Новата година! Благословен Божиќ“!

Бискупот Стојанов се заблагодари на гестот на заедништво и дарот, посакувајќи благословени Божиќни празници исполнети со силата на Божјиот Дух. Средбата продолжи во пријатно заедништво во предбожиќна атмосфера.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот