Бискупот Стојанов ги посвети семејствата од Скопска бискупија на Пречистото Срце Мариино

Во вечерните часови на 15 август 2014 година, на празникот Вознесение во небо на Блажена Девица Марија, а по повод Година на семејствата во Скопската бискупија, на повик од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов ходачастија семејства од бискупијата и се посветија на Пречистото Срце Мариино во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје. По тој повод Евхаристиското славење го предводеше Апостолскиот нунциј во Република Македонија, монс. Анселмо Гвидо Пекорари, во заедништво со месниот бискуп Стојанов и седум свештеници.

Програмата за овој важен настан започна со света Бројаница, пречек на нунцијот Пекорари пред катедралата, каде што го дочека едно семејство подарувајќи му цвеќе. Потоа во катедралата следуваше видео од папата Фрањо со катехеза до свршениците од целиот свет, која ја упати оваа година во Рим.

На Евхаристиското славење претходеше свечена процесија со статуата на Блажена Девица Марија околу катедралата, а при тоанародот пееше песни посветени на Богородица.

По влезот во катедралата скопскиот парох дон Давор Топиќ накратко ја претстави парохиската заедница, а потоа бискупот Стојанов го поздрави и му посака добредојде на нунцијот истакнувајќи: „Добродојдовде Апостолски нунциј монс. Пекорари во татковината на Мајка Тереза, која 18 години живееше во овој град и која е воспитана во Црквата и католчкиот дух и така подготвена отиде на мисија во Калкута – Индија, каде што стана мајка на најсиромашните меѓу сиромашните. Добредојдовте меѓу народот кој е толку мил на светите Кирил и Методиј и толку многу возљубен од апостол Павле, кој го донесе тука христијанството. Ја користам оваа прилика преку вас Превозвишени, кој сте претставник на Неговата Светост папата Фрањо, за да ги искажете нашите поздрави на него и да го повикате во Македонија, за да ја поддржи и охрабри верата и љубовта кон Христос на сите македонци денес.“

За време на светата Миса проповедаше бискупот Стојанов. Толкувајќи од Книгата Откровение за знакот на жената која е облечена во сонце, под нејзините нозе месечина, а на главата венец од двнаесет ѕвезди бискупот рече: „Ние во тој знак на жена ја преопознаваме Марија, која е мајка на Синот Божји – наша Мајка. Марија ни го роди Христос, ни го предаде, но сега тој Христос се раѓа во заедницата на светата Црква. Она што апостолот го навестува е ветување, визија, надеж. Ние денес сме собрани околу еден доказ, тоа е ветувањето и таа надеж исполнета во еден човек од наша крв, наше месо, а тоа е Марија, мајката Исусова. Таа е возвишена, вознесена нанебесата, за да ни биде јасен знак дека Бог во своите ветувања останува верен. Денес е празник кога срцето ни се шири, кога очите сјајат од радост, бидејќи ја гледаме неа која е остварен човек во полнина. Она што е таа сега, и ние ќе бидеме. И тоа со силата на Христовата смрт и воскресение. Ние сме народ на Марија, бидејќи на неа се потпираме како доказ на Божјите ветувања. Христос е темел на нашата вера, тој е нашето воскресение, но Марија е сигурноста дека тоа е можно, бидејќи таа е од нас вознесена на небо“.

„Полни со воодушевување ги воздигнуваме своите очи кон жената – Марија од Назарет и воскликнуваме Благословена си ти меѓу жените и благослен плодот на твојата утроба… Браќа и сестри, зошто дојдовме денес кај Марија? Дојдовме да кажеме мајко научи нѐ да веруваме како тебе. Научи нѐ да се молиме како тебе. Научи нѐ да живееме како тебе. Пред тебе мајко се верниците на оваа бискупија, пред тебе се семејствата– Црква во мало – во кои се всели твојот Син преку светата Тајна Брак. Денес сакаме потполно да ти се предадеме и да се посветиме на твоето Пречисто Срце, да нѐ сочуваш во верата и сојузот со својот Син. Сега кога ѓаволот стои и сака да и наштети на нашата вера и пред сѐ на нашиот живот и верата на нашите семејства, научи нѐ мајко да трпиме за Исус, да сведочиме за Исус и тогаш кога мечот на болка ја прободува нашата душа. О, ти велика жено, о, ти Голема Богородице, спомни се со својата добрина, која толку многу пати ја докажа во историјата на овој народ и во животот на секој од нас“.

После молитвата по причеста бискупот Стојанов пред статуата на Блажена Девица Марија измоли молитва за посвета на семејствата на Пречистото Срце Мариино, по повод Година на семејствата. По тој повод бискупот Стојанов му подари на нунцијот Пекорари икона со Светото Семејство.

Потоа следуваше говорот на Апостолскиот нунциј Пекорари кој рече: „Му благодарам од сѐ срце на Н.В.П. монс. Киро Стојанов, бискуп скопски и Апостолски егзарх во Македонија, што ме покани да ја предводам оваа свечена Евхаристија посветена на семејствата од Католичката заедница во Македонија, во Годината во која, во Ватикан, ќе се одржи Третата вонредна епископска синода посветена на семејството. Нашиот Папа Фрањо ги покани католиците од сиот свет да се молат за семејствата и да размислуваат за темелните вредности на семејството, за Црквата, за Верата, за цивилното општество, за мир во светот. Семејството е во срцето и во центарот на животот на Црквата и на општеството.

Семејството е амбиент на вера, бидејќи во семејството сите ние сакаме да ја живееме нашата католичка вера: децата, младите, брачните парови и старите; лица на радост и лица на страдања, лица здрави и лица болни.

Семејството е привелигирано место да се добие верата од генерациите кои беа пред нас и за пренесување на католичката вера на новите генерации. Во таа смисла продолжува Традицијата на католичката вера во нашата драга Македонија. Како, Апостолски Нунциј, го претставувам Папата Фрањо, Римскиот Епископ, центар на заедништвото со големото семејство кое е Црквата, од сѐ срце ви го поделувам Апостолскиот Благослов. Со тој благослов Бог Отец, Бог Син и Бог Дух Свети, ќе влезе уште повеќе во вашите семејства и ќе направи да растете во верата и љубовта.

За време на светата Миса пееше катедралниот хор под раководство на сестра Татјана Атанасова.

По завршувањето на Евхаристиското славење дон Топиќ ги повика сите присутни во дворот на катедралата на агапе, кое е организирано од верниците на скопската парохија, каде што продолжи заедништвото.

К.мк

Категорија: Македонија

За авторот