Бискупите од Европската заедница против сурогат мајчинство
„Сурогат мајчинство е директен напад против заедничките основни вредности на ЕУ“. Ова го пишува Комисијата за биоетика на Епископската конференција на Европската заедница во документот, објавен по конференцијата одржана во Европскиот парламент, посветена на тема за сурогат мајчинство и човечко достоинство.
„Сите форми на сурогат се сериозно прекршување на човечкото достоинство на оние кои учествуваат во „размената“, а посебно за децата кои се третираат како производ“, истакнуваат епископите од Епископската конференција на Европската заедница. „Практиката на сурогат мајчинство е мешање во приватноста на мајката, која го износува детето и ги експлоатира најранливите жени во корист на луѓето со финансиски можности, додека детето се претвора во производ“. Затоа овој вид мајчинство „очигледно е спротивно на тврдењето за човечко достоинство, заштитено во Повелбата на основните човекови права на ЕУ“.
Во документот се наведуваат и правните тешкотии на сурогат мајчинството при прогласувањето на односот помеѓу родителите и децата. Епископите забележуваат дека „во моментов се присутни различни решенија за легализација на односите: преку признавање на татковството; преку постапка за посвојување; преку признавање на посвоители како „ментори“ на детето, а не како „легитимни родители“.
На забелешката дека во некои земји од Европската унија на сила се закони за сурогат мајчинство, секретарот на Комисијата отец Дејли рече дека Велика Британија и Грција имаат усвоено закони за сурогат мајчинство, но дека сепак поголемиот дел од европските земји се противат на ова или пак немаат одреден став кон ова прашање. Во законодавството на членките на Европската унија постои поделеност, а нашиот предлог, се подразбира дека во целост го претставува ставот на Католичката црква.
На прашањето зошто Црквата се противи на сурогат мајчинство, рече дека тоа го прави од повеќе причини, а првата е поради тоа што жените се злоупотребуваат и поради тоа што е спротивно на начелата на основните човечки права. Сметам дека во документот на комијста е детално образложен тој став и дека е убедлив за сите кои ќе го прочитаат – истакна отец Дејли.
На забелешката дека тој документ е знак за загриженост, отец Дејли рече дека објавениот документ е само допринес на јавната расправа. Се надеваме дека по ова прашање ќе продолжи расправата и дека политичарите ќе ја прифатат својата одговорност во поглед на решението за овој проблем и тоа согласно на својата католичка традиција и морални начела кои ги застапуваме – рече на крајот отец Патрик Дејли.
Конференцијата наведува дека „клучното прашање е дали сакаме да создадеме општество во кое децата се фабрикуваат и продаваат како производи и дали знаеме какви ќе бидат последиците за децата и за човековите и социјалните односи“.
РВ/В.Н.