„Бесплатно примивте, бесплатно давајте“
Задржувајќи се на Евангелие кое зборува како Исус ги испраќа учениците да ја навестуваат Радосната вест, Папата во проповедта истакна три важни делови на учеништвото: одење, служење и бесплатност.
Задржувајќи се на Евангелие кое зборува како Исус ги испраќа учениците да ја навестуваат Радосната вест, Папата во проповедта на светата Литургија на 11 јуни во домот Света Марта, истакна три важни делови на учеништвото: одење, служење и бесплатност. Исус не ги испраќа учениците на прошетка, туку да го навестуваат Евангелието односно спасението – објасни Светиот Отец.
Таа е задачата на секој Христов ученик. Ако ученикот не оди да го навестува Евангелието, тогаш на другите не им го дава она што го примил во светата Тајна Крштение, не е мисионер, вистински Христов ученик; не ја навестува Радосната вест. Внатрешното одење на ученикот, секојдневната молитва и размислување треба да го придружува неговото навестување на Радосната вест. И тоа одење ученикот мора да го прави, бидејќи ако не го бара Бог, тогаш неговото навестување ќе биде млитаво и не ефикасно – рече Папата.
Исус од учениците ги бара тие два вида на одење – рече Папата, а потоа се осврна на вториот дел на учеништвото, служењето. Ако некој ученик не служи на другите тогаш не е Христов ученик. Ученикот мора да го прави тоа што Исус го кажа во блаженствата и во „протоколот“ содржан во 25 глава од Евангелието по Матеј по кој ќе бидеме судени – истакна Светиот Отец.
Ако некој ученик не оди да служи, тогаш неговото одење нема цел; ако неговиот живот не е служење, тогаш не живее христијански. Во себичноста е вистинското искушение за христијанскиот живот: христијанин сум, се исповедувам и одам на Литургија, не грешам против заповедите. А служењето! Служење на Исус во болниот, во затвореникот, во гладниот и голиот, Исус во нив страда – рече Папата, а потоа се осврна на третиот многу важен дел на христијанскиот живот, на бесплатноста. Бесплатно сте примиле, бесплатно давајте – опоменува Исус.
Служењето треба да биде бесплатно, бидејќи спасението сме го примиле бесплатно, тоа е милост: никој не го купил, ниту го заслужил. Тоа е милост на Отецот во Исус Христос, во Исусовата жртва. Жално е кога христијаните ја забораваат Христовата опомена: бесплатно сте примиле, бесплатно давајте. Жално е кога некои христијански заедници, парохии, монашки заедници и бискупии ја забораваат бесплатноста, бидејќи во заборавот е заблудата дека спасот доаѓа од богатството и човечката моќ – рече Светиот Отец.
Три збора повтори Папата, одењето како послание; служење – христијанинот треба да живее за другите како што Исус живеел и бесплатност. Нашата надеж е во Исус Христос кој нè испраќа, таа надеж не лаже. Но, ако надежта ни е во лежерното одење или во настојувањето да ни биде добро, а не да служиме или во богаството и световната сигурност, тогаш сè пропаѓа – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.