На крајот од светата Литургија на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, папата Фрањо упати силен апел за итен прекин на огнот во Либан, Газа, и во останатите делови на Палестина и Израел. „Нека се ослободат заложниците и нека се дозволи хуманитарна помош“, додаде Папата, кој ги спомена и Украина, Јужен Судан и Мјанмар. „Феноменот миграција е можност за раст во братството“, рече Папата на Светскиот ден на мигрантите и бегалците, а потоа најави отворање на процесот на беатификација на кралот Бодуен.
На крајот од Евхаристиското славење на стадионот „Крал Бодуен“ во Брисел, кој беше последен настан од апостолското патување во срцето на Европа, Луксембург и Белгија, по зборовите на благодарност од бриселскиот надбискуп, папата Фрањо рече дека со тага и голема загриженост го следи ширењето и интензивирањето на конфликтот во Либан и ја повтори својата силна желба за прекин на конфликтите во светот.
Либан е порака на страдање
Конкретно, ескалацијата на војната во „Земјата на кедрите“ беше во мислите и молитвите на папата Фрањо во неговото пладневно обраќање:
Либан е порака, но во моментов е порака за страдање, а оваа војна има разурнувачки последици врз населението: премногу луѓе продолжуваат да умираат на Блискиот Исток секој ден. Се молиме за жртвите, за нивните семејства, се молиме за мир. Ги охрабрувам сите страни на итен прекин на огнот во Либан, во Газа, во другите делови на Палестина, во Израел. Нека се ослободат заложниците и нека се доставува хуманитарна помош. Да не ја заборавиме напатената Украина.
Феноменот миграција е можност за братство
На денешниот Светски ден на мигрантите и бегалците, кој се слави на тема „Господ оди со својот народ“, од Белгија, која – како што потсети – беше и се уште е дестинација на голем број мигранти, папата Фрањо уште еднаш апелираше до Европа и меѓународната заедница да го гледаат феноменот на миграцијата како можност за заеднички раст во братството и ги охрабри сите да гледаат во секој брат и сестра мигранти лицето на Исус кој стана гостин и ходочасник меѓу нас.
На крајот од светата Литургија папата Фрањо им се заблагодари на белгиската кралска двојка и на големиот војвода и големата војвотка од Луксембург, како и на сите што сакаа да учествуваат, а дојдоа од Холандија, Германија и Франција.
Ја упатувам мојата „благодарност“ на сите кои на многу начини соработуваа во организацијата на оваа посета; особено постарите и болните кои ги принесуваа своите молитви.
Ватикан њуз/к.мк