Црквите и верските заедници во Република Македонија, застапени во Уставот, со должно внимание ги следат настаните што веќе подолго време ги обременуваат секојдневието и живеењето на сите граѓани во Република Македонија.
Оваа прилика е историска можност да покажеме дека навистина ја сакаме нашата заедничка Татковина – Република Македонија, без разлика на која национална и верска заедница припаѓаме. Треба да сфатиме дека вистинско заедничко живеење се постигнува единствено во мир, со почитување на различностите и на правата на секој поединец, без скратување и нарушување на правата и достоинството на другите.
Затоа, како Цркви и верски заедници, апелираме за смирување на состојбите, за покажување на добра волја и разумност во одлуките и постапките; повикуваме на воздржување од дејства што можат да ја загрозат државната, но и безбедноста на луѓето, на домовите, на семејствата и на сите нас, воопшто.
Апелираме до политичарите и партиите да го покажат своето човекољубие и родољубие и во духот на почитувањето и толеранцијата да преземат заеднички и неодложни мерки, засновани врз легитимни државни и законски прописи, во надминувањето на искушенијата и опасностите што демнат.
Само така, сплотени и единствени, достојно ќе покажеме пред целиот свет дека мултиетничкото и мултирелигиозното општество во кое живееме може да функционира и опстојува. Сето тоа веќе се потврдило во нашата заедничка историја. Затоа, и ние како генерација, да покажеме преку личниот пример и со своите дела, а за доброто на нашата Татковина, дека сме доследни и достојни наследници на нашите претходни генерации, дека сме вистински верници и патриоти.
Впрочем, единствено така ќе покажеме дека сме достојни и на родот и на верата на кои им припаѓаме!
Скопје, 17. 03. 2017 г.