Папата Фрањо, кој е хоспитализиран во болницата Гемели, го предаде текстот од неговото неделно обраќање, кое го објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Во текстот, по повод третата годишнина, 24 февруари, од почетокот на конфликтот во Украина, тој уште еднаш ја изразува својата близина со напатениот украински народ и поттикнува на молитва и за другите земји во војна. Потоа ги поздравува учесниците на Јубилејот за ѓакони и се заблагодарува на медицинскиот персонал во Гемели за грижата, како и на верниците, особено на најмладите, за нивната љубов.
Сè доверувам на застапништвото на Марија и ве молам да се молите за мене, порача папата Фрањо во неделата, 23 февруари 2025 година, во своето пладневно обраќање, кое во целост го објави Канцеларијата за печат на Светиот Престол, бидејќи Светиот Отец не беше во можност да ја предводи молитвата Ангел Господов поради хоспитализација и лекување. Меѓу другото, Папата се осврна и на Јубилејот за ѓакони, како и на тригодишнината од војната во Украина и повика на молитва за мир во целиот свет.
Посочувајќи дека во базиликата Свети Петар утрово се служеше света Литургија со ѓаконско ракополагање на повеќе кандидати, Папата ги поздрави и им се заблагодари на дикастериите за свештенството и за евангелизацијата за подготовката на Јубилејот за ѓакони.
Драги браќа ѓакони, вие се посветувате за навестување на Словото и служењето на љубовта. Својата служба во Црквата ја извршувате со зборови и дела, носејќи ја Божјата љубов и милост кон сите. Ве охрабрувам да продолжите со радост во вашето апостолство и да бидете – како што ни предлага денешното Евангелие – знак на љубов што опфаќа сè, шкоето злото го претвора во добро и создава братски свет. „Не плашете се да се осмелите да љубите“, им порача Папата на ѓаконите.
Потоа се осврна на текот на лекувањето во поликлиниката „Гемели“, нагласувајќи дека со доверба го продолжува закрепнувањето. „Одморот е исто така дел од лекувањето! „Искрено им благодарам на лекарите и здравствените работници од болницата за вниманието што ми го покажуваат и посветеноста со која ја вршат својата служба меѓу болните“, нагласи тој.
Тој додаде дека утре се одбележува третата годишнина од големата војна против Украина, која, како што рече, е болна и срамна годишнина за целото човештво. „Додека ја повторувам мојата близина со маченичкиот украински народ, ве повикувам да се сетите на жртвите од сите вооружени конфликти и да молите за дарот на мир и во Палестина, Израел и на целиот Блиски Исток, во Мјанмар, Киву и Судан“, нагласи Светиот Отец.
На крајот, тој истакна дека во последните денови добил многу пораки исполнети со љубов, а особено го трогнале писмата и цртежите од децата. „Ви благодарам за оваа близина и за молитвите за утеха што ги добив од целиот свет! „Сè доверувам на застапништвото на Марија и ве замолувам да се молите за мене“, го завршува папата Фрањо своето пладневно обраќање.
Ватикан њуз/к.мк